ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Љупчо Палевски засега не побарал адвокат

Љупчо Палевски засега не побарал адвокат

95

Љупчо Палевски-Палчо во затворот во Шутка уште нема побарано бранител кој ќе го застапува, информира директорот на затворот Филип Андов. Палевски е осомничен за грабнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски. Нема информации кога тој ќе биде повикан на распит во Јавното Обвинителство.

Палевски е сместен во посебно одделение во затворот Шутка. За него подготвена е просторија до која поради безбедност се стигнува преку посебен ходник за движење.

Ќе го чува зголемено затворско обезбедување, има посебна бања, а одреден е и посебен протокол за храна.

Секторот за меѓународна полициска соработка на МВР во соработка со турската полиција го завршија процесот на екстрадиција од Република Турција во Скопје.

За Палчо беше распишана меѓународна потерница за истрага за кривични дела „грабнување” и “убиство“ по издадена наредба од Основното јавно обвинителство Скопје.

Во скопскиот истражен затвор беше донесен со конвој од 4 необележани полициски возила.

Ќелијата се наоѓа во истиот затворски дел каде просторно разделени се наоѓаат уште тројца притворени и осомничени за убиството на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски.

Во затворот, на Палевски ќе му биде извршен детален медицински преглед. Потоа како и останатите осомничени, ќе му биде доделен затворски комбинезон.

Притворениот ќе има можност еднаш во текот на денот да шета, но не во друштво на други притвореници туку сам и тоа во посебен отворен простор поврзан со неговата ќелија, наменета за високоризични притвореници.

Според очекувањата судењето на Палчо би почнало некаде по судската ферија.