ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Ако е јунак, Силјановска-Давкова ќе упати раскинувачка нота до Атина – порачува...

Ако е јунак, Силјановска-Давкова ќе упати раскинувачка нота до Атина – порачува Ванковска

534

Универзитетската професорка, која беше кандидатка за претседател на државата поддржана од политичката партија Левица, на социјалните мрежи и порача на претседателката дека иако не го спомнала уставното име, ако е јунак, ќе упати раскинувачка нота до Атина.

Професорката Билјана Ванковска, која во првиот круг од претседателските избори беше дел од седумтемина кандидати, во објава на социјалната мрежа „Фејсбук“ напиша дека иако нејзината тогашна противкандидата, а сега официјална претседателка Гордана Силјановска-Давкова, не го спомнала уставното име Северна Македонија, неа се уште, како што вели, ја жеже и пече придавката „северна“ на сите документи, патокази, дипломи и пасоши.

„Убаво што не спомнала северна, ама мене ме жеже и пече она северна на сите документи, патокази, дипломи, печати… Не е Сирма војвода таа што својот проблем ќе го реши, додека цел народ стенка од него. Ако е јунак, ќе упати раскинувачка нота до Атина“, напиша Ванковска.

Пред одржувањето на вториот круг од претседателските избори, Ванковска изјави дека ќе го бојкотира и се пожали дека е под притисок на ВМРО-ДПМНЕ да даде изјава со поддршка за кандидатката Гордана Силјановска-Давкова.

„Од мигот кога се појавив како потенцијален кандидат за претседателските избори, па до денес, сум под постојан брутален притисок од ‘најголемата’ опозициска партија и нејзините кучиња и мегафони. Бараат од мене најбезобразно да ги дадам гласовите кои вие сте ми ги дале мене (дури и уште пред да ги добијам)! Бараат јавно да гласам. Па, еве штом инсистираат, пред молкот, да им кажам зошто нема да гласам“, напиша таа.