ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА ДУИ гледа политички заговор со приговорите до ДИК

ДУИ гледа политички заговор со приговорите до ДИК

463

Главната цел, според Арбр Адеми, била на „Европскиот фронт“ да му се одземат два мандати

Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ денеска соопшти дека со поднесени приговори до ДИК од други политички партии за нерегуларности на избирачки места во изборните единици 5 и 6 се прави некаков политички заговор кој има цел да им се одземат два пратенички мандати.

Шефот на изборниот штаб на „Европскиот фронт“, Арбер Адеми, на прес-конференција попладнево рече дека „постојат сериозни обиди со политички дил, со политички договор да има изборен инженеринг, да се поткопува демократијата и слободната волја на граѓаните и на легитимитетот“.

„Другите политички партии врз основа на непринципиелен политички дил и договор и газејќи врз волјата на граѓаните, на оркестриран начин поднеле приговори за избирачки места во Петтата и Шестата изборна единица, иако не е констатирана ниту една неправилност додека траеше изборниот процес и по неговото завршување. А дека тоа е така се потписите на сите членови на избирачките одбори предложени од политичките партии кои поднесоа приговори. Целта е јасна – сакаат на ‘Европскиот фронт’ да му одземат два пратенички мандати“, рече Адеми.

Тој даде детали за некои од местата каде се поднесени приговорите.

„Од авион може да се примети која е тенденцијата за изигрување на волјата на народот. На пример, во Желино, во избирачкото место 2101 – за ‘Вреди’ гласале 332 гласачи, за ‘Европскиот фронт’ 134. Ова избирачко место е селото од каде што доаѓа претседателот на Беса, Билал Касами. Со приговорот самите тие го оспоруваат резултатот каде што тие имаат повеќе гласови. Вториот пример е во ИЕ5 каде се оспоруваат избирачки места каде нема гласови за ‘Европскиот фронт’, но каде што убедливо повеќе гласови има ВМРО-ДПМНЕ. На пример, во избирачко место 1295 во Охрид ВМРО има 409 гласови, СДСМ има 103, Европскиот фронт 0. Која е целта? Дали се подготвува трансфер на гласови од една опција во друга опција само ‘Европскиот фронт’ да има помалку еден мандат во Петтата изборна единица?“, рече Адеми.