Избирачкиот список за престојните претседателски извори во Општина Битола брои 4.783 гласачи помалку од изборите за градоначалник во 2021 година, односно пред две и пол години. Од Општинската изборна комисија (ОИК) потврдија дека разликата во гласачите е околу 5.000, но велат дека тие немаат податоци на што се должи тоа.
Утре на првиот круг претседателски изброи ќе гласа 77.271 полнолетен битолчанец, а на страницата на Државната изборна комисија (ДИК) се вели дека во 2021 на локалните избори во Битола имало 82.054 гласачи.
Од Подрачното одделение на Државната изборна комисија во Битола велат дека ова се податоци по спроведениот попис во 2021 и избирачкиот список е заклучен со 77.271 гласач.
Останува неодговорено прашањето колку од овие скоро 5.000 гласачи, отпаѓа на битолчани кои се иселени? Неофицијално, одјавени поради иселување има 5.750 битолчани, но и ова не е конечна бројка затоа што има лица кои се на привремена работа во странство, немаат направено промена на адресата и се водат на избирачкиот список како жители на Битола.