ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Албанската опозиција во кампања со поддршка од косовскиот премиер

Албанската опозиција во кампања со поддршка од косовскиот премиер

94

Албанските опозициски партии, здружени во коалицијата „Вреди“, од плоштадот Скендербег во Скопје ја почнаа предизборната кампања за парламентарните избори.

„Четири партии ги здружија силите. Скендербег велеше, сојузот ја прави моќта, а денес, овде на плоштадот „Скендербег“ се среќаваме со нашите обединети структури. Ќе победиме, а победата ќе ја зајакне нашиот сојуз. На оние кои ја држеа власта преку подлеби, им дојде крајот“, изјави Изет Меџити, Коалиција „Вреди“.

Со заокружување на бројот шест, велат, граѓаните ќе изберат европска иднина за државата и рамноправност на албанците.

„Каде што се општините Гостивар, Тетово, Желино и Чаир, таму се сите албанци. Затоа, здружени овие општини и овие партии здружени во коалција „Влен“,(Вреди), гарантираат дека промените ќе дојдат“, изјави Билал Касами, Коалиција „Вреди“.

Во својата изборна програма коалицијата ветува минимална плата од 800 евра и акции од државните компании за секој граѓанин. Најавуваат и укинување на брзите кредити, кои ги сметаат за лихварство.

Ветувањата, велат ќе ги исполнат луѓе кои никогаш не биле вмешани во скандали..

„Нашите листи имаат голема разлика од другите листи. Нашите кандидати се 100 отсто кандидати кои имаат чисто минато, без скандали, со добра едукација, со професионален придонес во општеството и најпросто речено, луѓе со многу вредности“, изјави Африм Гаши, Коалиција „Вреди“.

Тројцата лидери бараат поддршка и за претседателскиот кандидат Таравари. По двонеделната предизборна кампања, тој оценува дека граѓаните сакаат промени во албанскиот политички блок.

„Каде и да одиме, имаме поддршка која што е поддршка како никогаш досега и евидентно е дека ќе се случи дефинитивно политичката ротација во албанскиот политички блок. Проблемите кои ни ги кажуваа нашите сограѓани со кој што зборувавме цело време, се економски проблеми и миграцијата. Мислам дека со оваа влада која што беше рекетарска влада, мора да си замине и да дојдат промени“, изјави Арбен Таравари, Претседателски кандидат на „Вреди“.

Според Таравари, промените на албанската политичка сцена ќе започнат со првиот круг претседателски избори во среда.