ПОЧЕТНА ЕКОНОМИЈА Повеќе нема издавање брзи кредити без физичко присуство на клиентот

Повеќе нема издавање брзи кредити без физичко присуство на клиентот

176

Почна примената на Правилникот за утврдување кредитен ризик, кој го донесе Министерството за финансии, со што се врши системска контрола во работењето на финансиските друштва што работат на територијата на РС Македонија. Тоа практично значи дека повеќе нема издавање брз кредит без физичко присуство на клиентот што го бара.

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, ја објави веста на својот фејсбук-профил.

– Обезбедуваме заштита на граѓаните од презадолженост и од злоупотреба на личните податоци. Финансиското друштво ќе издаде кредит откако ќе ја процени кредитната способност на барателот на кредитот и ќе изврши идентификација и ажурирање на податоците на барателот на кредит – вели Бесими.
Правилникот произлегува од последните измени и дополнувања на Законот за финансиски друштва, кој не ги регулира овие детали и беше донесен во јули 2023 година, а правилникот дури по осум месеци.

Што регулира Правилникот? Барателот на кредит отсега мора лично да дојде во финансиското друштво за брзи кредити ако бара да не му бидат префрлени парите на сметка туку сака директно да бидат уплатени во продавницата од која сака нешто да купи. Ако барателот ги прима парите на својата жиро-сметка, тоа ќе оди со електронска проверка, со строго утврдена процедура со закон. Тоа значи дека финансиско друштво не смее да дава кредит онлајн со фотографија од лична карта, која може да биде украдена или злоупотребена од некој ако ја нашол.

Во досегашната пракса на издавање брзи кредити, имаше примери каде што граѓани што никогаш не подигнале таков кредит, добиле известување од финансиско друштво дека треба да враќаат пари со големи камати за долг што никогаш не го направиле. Имено, некој, крадејќи им го идентитетот (име, презиме, адреса на живеење и матичен број), ги задолжува во финансиското друштво, па тие, оштетени, потоа мораат да ги враќаат парите со камати. Некои ја пријавуваат измамата во полиција, со надеж дека државата ќе ги заштити. Претставки од измамени граѓани стигнувале и до народниот правобранител, Насер Зибери.

Во членот 13 во Правилникот се пропишува дека идентификацијата и ажурирањето на податоците на клиентите и кокредитобарателите мора да бидат со физичко присуство во седиштето на финансиското друштво или во некоја од неговите регистрирани подружници. Исто така, и со употреба на средства за електронска идентификација во рамки на регистрирана шема за електронска идентификација на високо ниво на сигурност, согласно со закон.

Финансиското друштво треба да обезбеди од клиентот име и презиме, единствен матичен број на граѓанинот (ЕМБГ), број на важечка лична карта и/или пасош, адреса на живеење, електронска пошта (ако клиентот има електронска пошта и има намера да аплицира електронски), телефонски број (фиксен или мобилен број доколку клиентот има намера да аплицира електронски), назив на работодавецот (за клиентите во работен однос).

– По исклучок од ставот 1 на овој член, ако се исплаќаат средствата на личната платежна сметка на клиентот, финансиското друштво не треба да врши идентификација и ажурирање на податоците на клиентот. Ако клиентот има промена во наведените лични податоци, финансиското друштво ќе мора да го прави ажурирањето исклучиво со физичко присуство на тој клиент – стои во Правилникот.
Во Правилникот изречно се наведува дека „ако во моментот на физичката идентификација клиентот нема изразено намера да аплицира електронски, при што не ги навел податоците од член 13 став 2 алинеи 5 и 6 од овој Правилник, а потоа аплицира електронски, финансиското друштво нема да одобри потрошувачки кредит по електронски пат“.