ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА СЕ ПРЕТЕРА: Искршени прозорците на манастирот „Свети Атанасиј“ на Тетовското кале

СЕ ПРЕТЕРА: Искршени прозорците на манастирот „Свети Атанасиј“ на Тетовското кале

2364

Пред околу една недела во манастирскиот комплекс непознати сторители поставија знаме на Албанија на куполата на црквата и знаме на ОНА на бандера на влезот на Калето
Тетовско-гостиварската епархија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија соопшти дека непознати лица направиле упад на манастирскиот имот „Свети Атанасиј“ на Тетовското кале, при што во црквата биле искршени сите прозорци, со што е направена сериозна материјална штета.

„Ова е време на големиот пост кога христијаните се подготвуваат за Христовото Воскреснување, а нашите сограѓани муслимани се во рамазански пости, па оттаму сметаме дека ова би требало да е време за преиспитување, созревање и будење на човечност“, соопшти Тетовско-гостиварската епархија.

Овој упад следува откако пред нешто повеќе од една недела непознати сторители поставиле знаме на Албанија на куполата на црквата и знаме на ОНА на бандера на влезот на Калето.

На крајот на ноември лани во Тетовско, на Попова Шапка се случи сличен инцидент. Тогаш две маскирани лица го симнаа знамето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) од јарболот во дворот на манастирскиот комплекс „Свети Наум Чудотворец“ на Попова Шапка и на негово место го поставија знамето на Албанија.

Настанот беше снимен од камерата за видеонадзор на манастирскиот комплекс, а уште истата вчера на 29 ноември, полициски екипи го уапсија 31-годишниот Ј.А. од тетовска Мала Речица откако беше идентификуван дека учествувал во настанот.

На овој случај му претходеа обвинувања меѓу политичките партии поради поставувањето на 15-метарскиот крст на земјиште на манастирскиот комплекс „Свети Наум Чудотворец“ на Попова Шапка.

Лидерот на Беса и актуелен градоначалник на Тетово, Билал Касами, тогаш заедно со партнерите од коалицијата „Европски сојуз за промени“ – Алтернатива и Демократско движење, побара од Македонската православна црква – Охридска архиепископија самата да го отстрани верското обележје. За поставувањето на крстот жестоко реагираа и од ДУИ и бараа одговорност од Општина Тетово затоа што го дозволила тоа. Шефот на дипломатијата и актуелен кандидат на ДУИ за претседател на државата, Бујар Османи, тогаш изјави дека темата со крстот е предизборна игра на Беса за да се подгреат тензиите. Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека нему не му пречи ниту еден религиозен симбол доколку не е со цел да предизвика меѓуетнички тензии.