ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Даден е рок за екстрадиција на Љупчо Палевски Палчо од Турција

Даден е рок за екстрадиција на Љупчо Палевски Палчо од Турција

392

Даден е рок за екстрадиција на Љупчо Палевски Палчо од Турција, кој е осомничен за грабнувањето и двојното убиство на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот Панче Жежовски. Палевски по распишаната меѓународна потерница беше фатен во турскиот град Беликесир, каде од декември е во екстрадициски притвор. Но, конкретен датум до кога тој би бил испорачан во земјава, министерот за правда Кренар Лога не соопшти.

„Ни дадоа некој рок. Како и да е јас не сакам да кажувам такви детали, бидејќи таа работа зависи од нив и не од нас’, рече Лога.

Лога уште еднаш повтори дека при неговата неодамнешна посета во Турција бил информиран дека процедурата во судовите е завршена, по што потпис треба најпрвин да стави министерот за надворешни работи, па потоа и министерот за правда. Очекува екстрадицијата да биде брзо спроведена.

„Значи нема друга комуникација официјална, освен тоа што веќе сите работи се затворени и сите постапки се на време. Неофицијално сме комуницирале и денеска значи од тука баравме информација дополнителна кога би била испораката на Палевски“, додаде Лога.

Врховниот суд во средата ја одби жалбата на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски за неговиот притвор. Ѓорчевски е осомничен дека помагал при грабнувањето на неговата ќерка. Палевски, според исказите на останатите осомничени во случајот им кажал дека информациите за тоа кога Вања ќе го напушти нејзиниот дом и дека ќе биде сама му ги дал Ѓорчевски. Одбраната и самиот Ѓорчевски тврди дека не познава никој од осомничените и дека обвинителството нема докази за делото за кое се товари.

Пред некој ден од притвор излезе и Стефан Димковски, кој е осомничен дека му помогнал на Палевски да избега од земјава. Обвинителството соопшти дека со оглед на кривичното дело за кое е осомничен Димковски и запретената затворска казна, максимално во притвор тој може да биде три месеци. Притворот му беше заменет со мерки на претпазливост.