ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Петмина со граѓанска поддршка и двајца со партиска се сигурни учесници на...

Петмина со граѓанска поддршка и двајца со партиска се сигурни учесници на стартот од претседателската трка на 24 април

111

Пет кандидати за претседателските избори со граѓанска поддршка откако ги собраа неопходните 10.000 граѓански потписи си обезбедија место на избирачкото ливче. На стартната позиција сигурно ќе се најдат Бујар Османи од ДУИ, Максим Димитриевски од ЗНАМ (За Наша Македонија), Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“, Билјана Ванковска од Левица и Стевче Јакимовски од ГРОМ.

Нив вечерва со партиска поддршка од 30 паратеници им се придружува Гордана Силјановска Давкова од ВМРО ДПМНЕ, а утре таа формалност ќе треба да ја заврши и СДСМ за својот кандидат, актуелниот претседател Стево Пендаровски.

Покрај партиската кандидатура со потписи од пратениците Силјановска Давкова и Пендаровски најавија дека ќе ги соберат и потребните потписи за да ја имаат и граѓанската поддршка.

Овие седумина се сигурни учесници во претседателската трка која стартува на 24 април со првиот круг, а ќе финишира на 8 мај со вториот круг во кој ќе има место за двајцата најусепени од првата трка. Од 11-мината кандидати кои се впуштија во акцијата за собирање потписи за да станат претседателски кандидати мала е веројатноста дека некој од преостанатите ќе дојде до потребната бројка од 10.000 потписи.

Од 23 февруари кога стартуваше периодот за собирање потписи до сега, Вело Марковски има поддршка од 1.330 граѓани, Мерсиха Смаиловиќ од 1.286, Ѓорѓи Манасков од 388, Зорица Цветковска од 176, Господин Поповски од 106, Томе Николовски е без ниту еден потпис – 0.

Периoдот за собирање на потписи завршува на 8 март на полноќ. Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ.