ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Здравствениот сектор во април ќе стави клуч на врата, каде ќе се...

Здравствениот сектор во април ќе стави клуч на врата, каде ќе се лекуваат пациентите!?

626

Според Боби Бојчевски, национален координатор на Независниот синдикат на здравствени работници, доколку платите на здравствените работници за март годинава не бидат усогласени со растот на минималната плата којашто треба да изнесува 22.500, тие во април ќе се стапат во генерален штрајк. Од Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС) деновиве испратија допис до МЗ за да укажат дека во моментов во Клинички центар „Мајка Тереза” има повеќе од 270 приватни специјализанти кои редовно држат смени, амбуланти, дежурства и макотрпно ги извршуваат своите обврски како специјализанти, за што добиваат плата од 26.000 денари.

Ако платите на здравствените работници за март годинава не бидат усогласени со растот на минималната плата којашто треба да изнесува 22.500 тие во април ќе се стапат во генерален штрајк. Според Боби Бојчевски, национален координатор на Независниот синдикат на здравствени работници тоа значи дека нема да се примаат пациентите, ако треба ќе се стави и клуч на целиот клинички центар, болниците и лекарските ординации низ земјава. За Бојчевски веќе е прелиена чашата и не може да се дозволи здравствените работници со нивните плати да не можат да го преживеат месецот. Тој укажува дека постојано добива пораки од здравствени работници кои со него споделуваат дека платите им се мизерни.

– Физиотерапевт ми праќа порака дека работи 8 години и платата му е 25 илјади денари. Срамно и жално. Бараме правилно и законски да се исплати плата во согласност со Законот за минимална плата. Во преодните и завршни одредби во Законот за минимална плата е наведено дека колективните договори треба да се усогласат во рок од 6 месеци од причина што во колективниот договор за здравствена дејност не е усогласен со Законот за минимална плата, освен за работните места со најнизок степен на сложеност. Бараме како основа за пресметка на платата на здравствените работници да биде минималната плата помножена со коефициентот на работното место. Ова наше барање е основано и во согласност со Законот за минимална плата, велат од Синдикатот.

Деновиве со свои проблеми се произнесоа и од Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС). Тие го поддржаа најавеното линеарно покачување на 5 отсто за сите здравствени работници и соработници за март 2024 година за платата што ќе ја земат во април. До Министерството за здравство веќе испратија допис во кои што велат дека во моментов во Клинички центар „Мајка Тереза” има повеќе од 270 приватни специјализанти кои редовно држат смени, амбуланти, дежурства и макотрпно ги извршуваат своите обврски како специјализанти, за што добиваат плата од 26.000 денари.

-Бараме итно покачување на надоместокот на приватните специјализанти во согласност со просечната плата во износ на 39.998 денари и трајно решавање на статусот на вработување на овие лекари согласно многубројните ветувања до сега. Се надеваме на брз одговор од Министерството за здравство, велат од ЗЛС

Тие го потсетуваат дека во моментов се водат како невработени лица, со договор на дело, без ни еден ден стаж во тек на 6 години специјализација.

-Бараме плата која ќе биде на ниво на доктор по општа медицина во ЈЗУ Клинички Центар. Бараме од Вас веднаш да пристапите кон решавање на нашиот статус и покачување на платите или во спротивно ќе бидеме принудени сите приватни специјализанти да престанеме со извршување на било какви обврски на соодветните клиники – се вели во нивниот допис до МЗ.

Специјализантите укажуваат дека немаат ниту пензиско осигурување. Што се однесува пак за трансформација на нивниот работен однос, иако тој бил најавен во неколку наврати од ресорното министерство, пропаднал.

Сериозен проблем има и со најавеното вработување на 1.117 лица кои со години во здравствениот сектор работат со договор на дело. Поранешниот министер за здравство Фатмир Меџити пред заминување вети нивно вработување, достави барање до Владата и до Министерството за финансии. Но, тие во моментов ниту се вработени ниту можат да потпишат договори на дело, веќе два месеца волонтираат без надоместок. Проблемот може да ескалира и клиниките многу скоро да останат без потребните медицински сестри и болничари, ако хонорарците заминат во приватното здравство или ги спакуваат куферите и отпатуваат во странство.

Заменик-министерката за здравство Маја Манолева за овој реален проблем се изјасни дека формалностите околу добивањето на согласности за вработување се завршени. Таа вели дека поради изборите не може да ги почнат вработувањата, иако во најголем дел за овие 1.117 вработувања, во Министерството за здравство стигна согласност.

-Ќе почекаме по изборите да го реализираме тоа што го ветивме, независно од тоа каков ќе биде исходот од изборите. Потребно е на тие луѓе со договор на дело кои работеле и вложиле во тие здравствени институции, да им овозможиме да добијат соодветно место во здравствената институција, односно да дојдат до вработување, вели Манолева.

Со нејзиниот одговор не се задоволни 1.117 лица кои во моментов се и без плата и без вработување.

Извор: Вечер.пресс