Поранешниот премиер Ковачевски побарал и Собранието експресно му одобрило апанажа.
Но, збунува фактот дека на Уставниот суд го укинал членот по кој за функционери што поднеле оставка имаат право на апанажа.
Дали пратениците го прекршиле законот со доделувањето на апанажата.
Дали ова значи и дека Ковачевски се збогува со политиката со оглед на тоа што побарал апанажа за 12 месеци, а изборите се за помалку од 3 месеци, кога се очекува дека ќе ја предводи својата СДСМ и ќе се бори за нов мандат.
Димитар Ковачевски и Оливер Спасовски веќе извесен период не седат во премиерската и министерската фотелја. Колку за нив тоа е стрес, никој не знае. Но, мало залечување на „раните“ најверојатно ќе им биде апанажата која ја побарале.
Двајцата поранешни функционери ќе добиваат месечен надоместок од околу 2.500 евра. Ова, експресно им било овозможено и одобрено од мнозинството во Собранието.
Комисијата за избори и именување во Собранието, под точка „разно“, ги усвои, односно ги прифати барањата од поранешниот премиер Ковачевски и од поранешниот министер за внатрешни работи Спасовски да добијат апанажа.
Надоместокот е во висина на платата што именуваното лице ја добивало додека било на функцијата, а тоа значи дека и двајцата цела година ќе добиваат по 2.500 евра месечно.