Денешниот протест на пензионерите е третиот голем протест на кој тие излегоа во главниот град откако изминатиот период протестираа во своите градови и населени места изразувајќи незадоволство од процентуалното покачување на пензиите. Порачаа дека ниту по три месеци протестирање, сè уште немаат никаков одговор од Владата и од Министерството за труд и социјална политика во врска со нивните барања.
Пензионери од сите делови од земјава денеска се собраа на третиот голем протест во Скопје, барајќи слух од надлежните во врска со нивното барање за повисоки пензии. Линеарно покачување на пензиите за 5 000 денари и минимална пензија од 18 000 денари се двете главни барања кои тие ги упатија од денешниот протест.
Протестниот марш започна од Амбасадата на САД, а заврши пред зградата на Владата.
Пензионерите порачаа дека ниту по три месеци протестирање, сè уште немаат никаков одговор од Владата и од Министерството за труд и социјална политика во врска со нивните барања.
„Ако се исполнат првите две барања за линеарно покачување и за минималната пензија, ќе бидеме задоволни и ќе престанеме со протестите, но доколку не наидеме на разбирање од власта, ќе продолжиме порадикално. Овој трет протест е мирен и без никакви проблеми, но понатака ќе се состане координативното тело од сите градови и ќе се договориме што понатаму“, изјави на денешниот протест претседателот на Иницијативниот одбор на пензионерите, Драган Угриновски.
Фото: Ѕвонко Плавевски за Вечер.пресс – повеќе слики клик ТУКА.