ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Со македонскиот пасош без виза може да се патува во 129 земји

Со македонскиот пасош без виза може да се патува во 129 земји

1981

Според индексот на најмоќни патни исправи во светот за 2025 година, британската консултантска компанија Хенли & Партнерс го рангираше македонскиот пасош на 40-то место.

Индексот на Хенли & Партнерс е едно од најлегитимните рангирања на пасоши и се базира на добиени официјални информации од Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА). Како најважен и одлучувачки фактор за одредување на тоа колку е „моќен“ пасошот е бројот на земји во кој со него може да се влезе без потреба за виза.

Со македонски пасош слободно и без визи може да се патува во 129 земји, а Македонија 40-то место го дели со Црна Гора и Маршалските Острови.

Од регионот највисоко рангирани се земјите – членки на ЕУ, од кои Грција е на шестото, Словенија на десеттото место, Хрватска е на 11-то и Бугарија е 15-та на ранг листата.

Од останатите балкански држави, Србија е на 34-то место, а зад македонскиот пасош е пасошот на Албанија, кој е на 43 позиција, Босна и Хрцеговина на 44 место и косовскиот пасош е 63-ти на листата.

Најмоќниот пасош во светот го има Сингапур, овозможувајќи им на луѓето кои го поседуваат слободно да патуваат во 195 земји, што е над над 85 отсто од вкупно 227 земји ширум светот.

Втор е јапонскиот пасош со кој слободно може да се патува во 193 земји, на третото место се пасошите на Финска, Франција, Германија, Италија, Јужна Кореја и Шпанија, за кои не треба виза во 192 земји.

Четвртото место го делат Австрија, Данска, Ирска, Луксембург, Холандија, Норвешка и Шведска со слободно патување кон 191 држава, а на петото се Белгија, Нов Зеланд, Португалија, Швајцарија и Велика Британија кои се ослободени од апликација за виза за во 190 земји.

Граѓаните на САД можат да патуваат без визи во 186 земји, што американскиот пасош го рангира на деветото место, заедно со пасошот на Естонија, а листата на топ 10 најмоќни пасоши ја заокружуваат Летонија, Литванија, Словенија и Обединетите Арапски Емирати.

На дното на листата се пасошите на Ирак, чии граѓани можат без визи да патуваат во 31 земја, потоа Сирија – во 27 и Авганистан – во 26 земји.