Во овој период од годината, во умерените климатски подрачја, се очекува зголемување на акутните респираторни инфекции. Ова е редовен сезонски тренд што го предизвикуваат грипот, респираторниот синцицијален вирус (RSV) и други вообичаени вируси, меѓу кои и човечкиот метапневмовирус (HMPV).
Епидемиологот д-р Драган Даниловски објаснува дека извештаите за зголемен број на хоспитализации во Кина, кои се поврзуваат со HMPV, не се целосно точни. Според него, зголемувањето на инфекциите е резултат на повеќе респираторни вируси, што е типично за зимскиот период.
-HMPV не е нов вирус како што беше коронавирусот. Овој вирус одамна е присутен и човечкиот организам веќе има развиено механизми за одбрана од него, вели д-р Данаиловски. Тој нагласува дека нема потреба од страв или паника и препорачува игнорирање на вознемирувачките написи.
Превенцијата и третманот за HMPV се идентични со оние за обична настинка, додава Данаиловски, повикувајќи на смиреност и одговорно следење на сезонските здравствени мерки.