Воздухот во Скопје, отровен. Главниот град се гуши во смог и утрово. Тоа го покажуваат анализите на швајцарската платформа која ги мери нивоата на загаденост, а според неа Скопје утрово се наоѓа на шестата позиција во светот со индекс на загадување 172 и воздух категоризиран како нездрав.
Мерењата покажуваат дека ПМ2,5 честичките утрово се застапени во воздухот со 85 микрограми на метар кубен, што, пак, е повеќе од 17 пати над дозволената горна граница која е утврдена од страна на Светската здравствена организација (СЗО). Високо е нивото и на ПМ10 честичките, а мерењата утрово покажуваат присуство на 131,4 микрограми на метар кубен.
По општини, најзагадено утрово е во Центар со индекс на загадување од 196, потоа следуваат Лисиче, Карпош, Ѓорче Петров, Гази Баба, Ректорат, Кисела Вода. Утрово е загадено и во дел од останатите градови во земјава. Струмица води со индекс на загадување од 189, а по неа е Гостивар, па Тетово. Висок индекс на загадување утрово има и Кочани.
Загадувањето на воздухот е сериозен проблем кој влијае врз здравјето на луѓето. Невидливите честички навлегуваат во клетките, а преку нив во срце, крвта и мозок. Ваквата состојба доведува до болести како што се астма, мозочен удар, срцеви напади, рак и деменција, како и до ниска тежина при раѓање, мртвородени деца и спонтани абортуси.
Статистиките минатата година покажаа дека токму поради загадениот воздух во земјава годишно умираат и до 3.000 лица. Здравствените работници апелираат доколку граѓаните немаат посериозна потреба да излегуваат надвор, поголем дел од денот да го минуваат во затворени простории, особено онаму каде што има прочистувачи на воздухот.