Најмалку 95 луѓе загинаа во силен земјотрес што го погоди оддалечениот регион на Тибет утрово, а потреси се почувствуваа низ Хималаите во соседниот Непал, Бутан и делови од северна Индија. Земјотресот со јачина од 7,1 магнитуда според Рихтеровата скала се случил во 9 часот и 5 минути по локално време на длабочина од 10 километри и бил проследен со повеќе последователни потреси, соопшти Геолошкиот институт на САД, а пренесува Си-Ен-Ен.
Енергијата ослободена од тектонското движење собори куќи во оддалечените хималајски села, го стресе блискиот тибетски свет град и посетителите на базниот камп на Монт Еверест. Неговиот епицентар, лоциран во округот Тингри високо на тибетското плато, беше блиску до границата со Непал, околу 50 милји северно од највисоката планина во светот.
Најмалку 130 лица се повредени во земјотресот, соопштија локалните власти на прес-конференција денеска. Повеќе од 1.000 куќи беа оштетени во округот Тингри. Потресите се почувствувале до Катманду, главниот град на Непал.
-Беше многу силно. Луѓето истрчаа надвор од своите куќи. Можеше да се види како жиците од столбовите се отпуштаат, рече Бишал Нат Упрети од Непалскиот центар за управување со катастрофи, невладина организација во Катманду.