ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Приведени танчарки и келнерки во Желино

Приведени танчарки и келнерки во Желино

119

Во полициска акција во угостителски објекти во Тетовско уапсени се државјанки од Бразил, Колумбија, Украина, Франција и Србија. Како што велат од полицијата, приведените ја злоупотребиле дозволата за туристички престој, односно биле затекнати дека работат како танчарки и келнерки.

-На 07.01.2025, во периодот од 2:20 до 4:20 часот, полициски службеници од СВР-Тетово извршиле акциска контрола во угостителски објект на регионалниот пат Тетово-Желино, каде што поради злоупотреба на туристичкиот престој, односно престојување спротивно на целта биле приведени девет странски државјанки, од 21 до 38-годишна возраст од Франција, Србија, Украина, Колумбија и Бразил. Тие биле задржани во полициска станица за понатамошна постапка, се вели во соопштението испратено од СВР Тетово.

Со доаѓањето во родниот крај на нашите иселеници за време на божиќните празници, се зголемува и понудата во бројните угостителски објекти во Полошко. Во кафеаните, баровите и ноќните локали како танчарки и келнерки се носат девојки кои најчесто го немаат регулирано престојот во државата или го злоупотребуваат туристичкиот престој. Полицијата при редовните и вонредните контроли честопати во овие угостителски објекти затекнува млади девојки кои најчесто доаѓаат од земји како Србија, Албанија и Косово, но при последната ваква акција биле затекнати и девојки од Колумбија, Бразил, Украина и Франција.