ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Скопје трет по загаденост на воздухот во Европа, пред него се само...

Скопје трет по загаденост на воздухот во Европа, пред него се само Сараево и Приштина

7

Скопје се наоѓа на 23-то место според аерозагаденоста на светско ниво, и е трет по загаденост на воздухот во Европа по Сараево кое е на 11-то место и Приштина која е 20-та, покажува табелата на платформата „Ај кју аир“.

Нивото на штетните ПМ честитки измерени во 11:30 часот, изнесува 121 единици поради што не се препорачува излегување надвор на хронично болните и децата.

Пред два дена Скопје беше најзагаден град во светот, кога, според платформата „Ај кју аир“ во главниот град беа забележани 263 единици штетни честички.

Во меѓувреме, од Град Скопје денеска информираа дека се спроведуваат засилени инспекциски контроли и се изрекуваат казни и обвинуваат дека од 14 институции задолжени за животната средина, само тие се на терен. Заменичката министерка за животна средина Ане Лашкоска, пак, вчера кажа дека во сила се краткорочни и долгорочни мерки донесени од Владата и упати апел до општините и до сите надлежни институции да се вклучат во активностите за справување со загадувањето на воздухот. Таа побара и локалните самоуправи да ги пуштат на терен општинските инспектори, особено во малите и средните претпријатија, а не само во оние кои имаат А и Б интегрирана дозвола.