ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА 48 милиони евра потроши ЕСМ за набавка на струја во последните три...

48 милиони евра потроши ЕСМ за набавка на струја во последните три месеци

305

Речиси педесет милиони евра државата плати за набавка на струја во последните три месеци за да може да има непречено снабдување со струја за граѓаните во Македонија. Домашните капацитети кои или се во ремонт или работат од испад до испад со производството покриваат околу две третини од вкупната побарувачка на струја а остатокот се покрива со набавките.

Според официјалните податоци на ЕСМ за месеците ноември декември и јануари државната компанија односно државата потроши вкупно 47.771.808 милиони евра со кои купи 328.310 мегават часови струја.

Новата 2025 година ЕСМ ја отвори со набавка на 74.400 мегават часови струја за кои плати 11.656.843 евра, а 2024 година ја затвори со рекордна набавка на 148.310 мегават часови струја за кои плати рекордни 19.951.651 евро. Во ноември минатата година ЕСМ од отворениот пазар купи 105.600 мегават часови струја за кои плати 16.163.280 евра.

За илустрација парите потрошени за набавка на струја се повеќе од половина од долгот кој државната компанија го има кон домашните банки.

ЕСМ во моментов располага со делумно функционалниот РЕК Битола кој работи со два блока, а тоа го покажуваат официјалните бројки од дневното производство, хидроцентралите и ветерниот парк во Богданци.

Според официјалните податоци вчера ЕСМ произведе 12.793 мегават часови струја но колкава била потрошувачка не е познато бидејќи податоците кои треба да ги има МЕПСО не се ажурирани веќе трет ден.

Производната цена на ЕСМ за мегават час варира во зависност од капацитетот кој ја произведува а во просек изнесува 118 евра. Продажната цена пак на мегават час на ЕСМ кон универзалниот снабдувач е речиси двојно пониска – 62 евра односно со загуба од 56 евра по мегават час.

Дополнително ЕСМ заглави во загуба од 22, 6 милиони евра во третиот квартал година и со оваа сума се најде на врвот на листата на загубари на Министерството на финансии.

Откако министерката за финансии одлучи да нема државна помош односно субвенции за ЕСМ, А владата да нема помош од унгарскиот заем, државната компанија се задолжи 82 милиони евра од домашни комерцијални банки а се разгледува можноста и за дополнителен кредит.