ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Пензиите од март повисоки за 2.500 денари, старосната граница за пензионирање останува...

Пензиите од март повисоки за 2.500 денари, старосната граница за пензионирање останува иста

374

Пензионерите со исплатата на мартовската пензија на 1 април треба да го добијат вториот дел од ветените 5.000 денари што владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги најави во предизборната кампања за парламентарните избори. Првиот дел од 2.500 денари од линеарното зголемување, пензионерите го добија со октомвриската пензија.

Од Владата велат дека парите за оваа намена се обезбедени во Буџетот и не очекуваат турбуленции во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Уверуваат дека Фондот на ПИОМ е стабилен и дека буџетска дупка во ПИОМ ќе има уште шест до седум години додека не почне поробусна исплата на пензиите од Вториот пензиски фонд.

За исплата на пензиите во Буџетот за 2025 година се предвидени 105,5 милијарди денари со кои се обезбедени средства за најавеното зголемување на пензиите за 2.500 денари.

Директорот на Фондот за ПИОМ Никола Мемов на последниот брифинг со новинарите најави дека ќе се продолжи со краткорочни и среднорочни мерки за стабилизирање на буџетскиот дефицит. Очекува приходите по основ на плаќање на придонеси да растат, а за придонесот за пензиско осоигурување, рече, дека останува 18,8 проценти.

Експертите остануваат на ставот дека целосното исполнување на ветувањето за линеарно зголрмување, ќе предизвика дополнителен притисок врз буџетот и ќе генерира дополнителен трошок од околу 200 милиони евра на годишно ниво. Вакви ад хок решенија, според експертите, треба да се избегнуваат затоа што постојат системски прилагодувања на пензиите два пати годишно, но дека се оправдани во услови на зголемена инфлација.

Од Сојузот на здруженија на пезнионери на Македонија го поздравија зголемувањето на пензиите посочувајќи дека секое зголемување е добредојдено за корисниците на пензија, но дека треба да се има предвид и фискалната стабилност на Пензискиот фонд затоа што значајно е да има доволно средства за редовна исплата на пензиите.