Ако пронајде договори за нефер трговски практики, обновената Комисија за заштита на конкуренцијата може да казнува и до 20 илјади евра, порача заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, посочувајќи дека Законот за нефер трговски практики почнува да се применува од почетокот на годинава.
-Законот за нефер трговски практики е во функција според директивата на ЕУ од 28 септември, но казните почнаа да се применуваат од почетокот на годинава. До крајот на минатата година процесот се следеше со мониторинг, а сега се на сила паричните казни, рече заменик-министерот.
Според него, Комисијата ќе ги проверува сите договори склучени меѓу производителите, добавувачите и трговците и онаму каде ќе бидат неправилности казните се до 20 илјади евра.
Со Законот се опфатени 2 546 производи по тарифен број, а претходно се утврдени 26 нефер трговски практики.
Ристески вели дека контролата ќе биде строга, но и дека Комисијата ќе може да влезе во фирмите и да ги проверува договорите по дојава. Ефектот, според него, е на подолг рок со стабилизација на цените.
-Рабатот е ограничен на 10 отсто во текот на годината. Тоа ќе создаде еден ред во работата со трговските практики каде рабатите биле големи и до 35-40 отсто, вели тој.
Законот е од голема важност, како што вели заменик-министерот, зашто за првпат се спроведува во државата и е под директива на Европската Унија и треба да биде пример и за другите држави на Западен Балкан.