ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Македонија ќе биде повторно ваша, порака од премиерот Мицкоски во новогодишната честитка

Македонија ќе биде повторно ваша, порака од премиерот Мицкоски во новогодишната честитка

30

Премиерот Христијан Мицкоски денеска преку видеообраќање им ја честита Новата 2025 година на граѓаните.

Во честитката тој се осврува на годината што изминува, оценувајќи дека 2024 била година на тешки и сериозни околности и предизвици, но и на нови почетоци.

-2024 беше година кога граѓаните избираа каква иднина сакаат и одбраа одлучни и убедени како никогаш досега Македонија да биде повторно нивна. Таа победа не беше само број, тоа беше јасен мандат од народот за нов пат и нова визија. Ве уверувам ние ја почитуваме и ја чуваме таа доверба и секој ден работиме напорно за да ги исполнуваме ветувањата кои ги дадовме и ние таа заклетва и одговорност не ја забораваме, рече Мицкоски во новогодишното видеообраќање.

Осврнувајќи се на достигнувањата во последните шест месеци од нејзиниот избор, премиерот порача дека во следната 2025 година Владата ќе има уште многу работа, со уште поголемо темпо и поодлучна акција.

Фокусот, како што рече, ќе биде на повеќе области, но три ќе бидат приоритетни.

Првата се однесува на економски и социјален раст и развој, втората на создавање ред и систем во контекст на јакнење на институциите, борба против корупцијата, решавање на заостанатата корупција во системот и третата – на интеграција во Европската Унија и спроведување на реформите за членство, дури и ако опстанат предизвиците за почеток на преговорите, за кои премиерот вели дека ќе се труди да се надминат чекор по чекор.

Во однос на останатите проекти на кои ќе работи Владата в година, Мицкоски посочи:

-Во 2025 година ќе се пушти во употреба експресниот пат Куманово-Крива Паланка, како и Градско-Прилеп. Ќе биде готова првата фаза од пругата кон Бугарија, додека интензивно и без застој ќе се градат автопатите Гостивар-Букојчани, Прилеп-Битола и Кичево-Охрид. Ќе почнеме со градба на автопат Тетово-Гостивар. Ќе растат платите во повеќе области, како и пензиите. Ќе обезбедиме ваучери од 250 евра за електронски уреди за сите студенти како и евтини кредити за млади до 30 илјади евра. Ќе има проекти и мерки за сите граѓани, Македонци, Албанците, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати. Ќе работиме за сите посветено и одговорно, за ваш подобар и поквалитетен живот.

Порача оти 2025 ќе биде година на надеж, оптимизам, успеси и многу работа, а оти Владата ќе работи посветено и напорно за да успее да ја изгради Македонија онаква каква што граѓаните посакуваат и заслужуваат.

-Македонија, која ќе биде повторно ваша! Среќна и успешна Нова година, исполнета со здравје, среќа и многу љубов! Бог да ја благослови Македонија и нејзините граѓани, порача Мицкоски во новогодишното обраќање.