ПОЧЕТНА СВЕТ Осудени родителите на момчето убиец од Србија

Осудени родителите на момчето убиец од Србија

223

Вишиот суд во Белград ги прогласи за виновни Владимир и Милијана Кецмановиќ, родителите на момчето кое на 3 мај 2023 година во основното училиште Владислав Рибникар со пиштол уби девет соученици и чувар во училиштето, а рани уште пет ученици и наставничка.

Владимир Кецмановиќ е прогласен за виновен за предизвикување општа опасност поради тоа што непрописно го чувал оружјето и на тој начин му овозможил на тогаш 13-годишниот син да го изврши масовното убиство, како и за кривично дело запуштање и злоставување малолетно лице. Тој доби 14,5 години затвор.

Милјана Кецмановиќ е прогласена за виновна за недозволено чување, носење и ставање во промет оружје и експлозивни материјали, бидејќи на чаура од куршум најдена во кабинетот по историја е најдена нејзина ДНК, како и за кривично дело запуштање и злоставување малолетно лице. Таа доби три години затвор.

Немања Маринковиќ, инструкторот по стрелање од стрелиштето каде Владимир Кецмановиќ го водел својот син да вежба пукање, доби 15 месеци затвор поради давање лажен исказ за време на истрагата.

Јавноста не доби увид во објаснувањето на пресудата, бидејќи тој дел од изрекувањето на пресудата остана затворен за јавноста.

Иако родителите на самиот почеток не беа обвинети за кривично дело злоставување и занемарување малолетно лице, Вишото јавно обвинителство во Белград во октомври го прошири обвинението по сведочењето на нивниот син. Според обвинението, тие ја занемариле психичката и емоционална состојба на своето дете и не реагирале соодветно на состојбата на отфрленост и неприфатеност која се развила кај детето.