Со 28 гласа „за“ и два „против,“ Советот на Град Скопје го изгласа буџетот за 2025 година, тежок 140 милиони евра. На предлог-буџетот беа поднесени 42 амандмани, од кои дел беа повлечени од предлагачите, а други одбиени поради технички неправилности.
На вчерашната седница, меѓу 40-те точки на дневниот ред, значајна беше одлуката за зголемување на цената по километар за приватните превозници. По анализата спроведена од градските служби, беше усвоено зголемување од 20 денари. Претходно, приватните превозници протестираа и прекинаа со работа, барајќи корекција на цената која не е ревидирана од 2015 година. Иако првично договорија зголемување од 30 денари со советниците на ВМРО-ДПМНЕ, оваа сума беше отфрлена поради недостаток на законска основа.
Претседателот на Советот, Трајко Славески, ја образложи хронологијата на случувањата, вклучувајќи ја вонредната 16-та седница, одлуките кои беа донесени, и административните пропусти на градската администрација. Тој истакна дека поради непостапување на администрацијата, Државниот инспекторат за локална самоуправа извршил надзор, резултирајќи со опомена за градоначалничката Данела Арсовска.
Буџетот за 2025 е последен во мандатот на градоначалничката и актуелниот состав на Советот.
Од Левица остро реагираа, обвинувајќи ја „широката коалиција“ на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, и ДУИ дека го усвоила буџетот без критичка анализа. Тие истакнаа дека Скопје повторно ќе остане без нови еко-автобуси поради недостиг на поддршка за оваа иницијатива, обвинувајќи ги советниците за игнорирање на интересите на граѓаните во корист на партиски директиви.