Лидерот на СДСМ Венко Филипче ја обвини власта дека го уништува стандардот на работниците и нивните права. На денешната прес-конференција насловена како шест месеци од владеењето на ВМРО ДПМНЕ, Филипче упати критики кон власта за економските политики и мерките за граѓаните.
Тој рече дека Владата на ВМРО ДПМНЕ демонстрирала целосната неспособност и ароганција со што директно го загрозила стандардот на граѓаните. Филипче обвини дека за шест месеци нема раст на минималната плата, а просечната плата стагнира.
ВМРО-ДПМНЕ целосно го напушти добро воспоставениот систем за раст на платите на СДСМ со кој ги пребродивме сите кризи. Замислете каква иронија, денес откако кризите се зад нас, се живее полошо од изминатите седум години кога поминавме три последователни економски кризи. Е толку е способноста на ВМРО-ДПМНЕ и толку се грижи за стандардот на граѓаните, изјави Филипче.
Во однос на мерките за граѓаните, Филипче рече дека власта упорно демонстрира ароганција и не профаќа мерки кои се во корист на граѓаните, како што се мерките кои ги предложи СДСМ за укинување на ДДВ за основните производи, зголемување на минималната плата, зголемување на платите. Ваквите потези на власта како што рече Филипче се на директна штета на граѓаните.
Според Филипче особено загрижува најавата за укинување на „Недела неработен ден“, која како што кажа беше една од најзначајните политики на СДСМ и донесе рамнотежа меѓу работата и семејниот живот за стотици илјади граѓани.
-Со ова, еден од најзначајните проекти на СДСМ, со кој стотици илјади вработени добија гарантиран слободен ден со семејствата, може да биде укинат. Дополнително, се заговара зголемување на старосната граница за пензионирање и покачување на ДДВ на 19,5%. Мерки кои ќе значат уште еден удар и буквално нокаут за граѓаните и работниците, изјави Филипче.
Во делот посветен на економијата, Филипче рече дека во изминатите шест месеци власта не понудила ниту една економска мерка која реално ќе ја подобри состојбата на граѓаните, а за сметка на тоа сите политики се насочени кон ограничување на правата на работниците и зголемување на товарот врз нив.
Тој порача дека СДСМ остро се спротивставува на овие мерки и ќе продолжи да се бори за заштита на правата на работниците и подобрување на животниот стандард на сите граѓани.