Владата го задолжи Министерството за економија и труд да испрати насока до ДПИ, да излезат веднаш на терен и да ја утврдат фактичка состојба, неправилностите и злоупотребите со поскапувањата на одредени производи за широка потрошувачка и да се направи анализа за минатите 30 дена
Трговците да ги коригираат цените на оние производи што се најпотребни во овој период на новогодишните празници и да им излезат во пресрет на граѓаните, побара министерот за економија и труд Бесар Дурмиши. Откако изминативе денови, тој и неговиот заменик тврдеа дека производителите нема да го изигруваат она што самите го најавиле и ветиле, Дурмиши сега најави дека инспекторите од вчера се веќе на терен и анализираат како се движеле цените на основните прехранбени производи во изминатите три месеци, односно колку поскапеле производите што не се опфатени со новогодишната кошница.
-Државниот пазарен инспекторат е на терен на вонредна инспекција, а откако ќе ги добиеме податоците од нив, ќе зависи каква одлука ќе биде донесена, дали трговците ќе се коригираат и ќе остане акцијата новогодишна кошница или ќе бидеме принудени да донесеме одлука за замрзнување цени или на маржи – рече Дурмиши.
Министерот уверува дека Владата нема да го толерира однесувањето на трговците и покачувањето на цените на одредени производи на сметка на намалување на други производи, кои ги предложија во новогодишната кошница.
-Сакам да апелирам до сите фактори во целиот овој процес, производители, дистрибутери и трговци, да ја покажат општествената одговорност за која зборуваа кога на нивен предлог ја креиравме оваа акција. Апелирам да ги коригираат цените на оние производи што се најпотребни во периодот на новогодишните празници и да им излезат во пресрет на граѓаните. Не може тоа што ним им беше дадено како право и можност, сега да го надоместуваат со драматично зголемување на некои други производи што ги користат граѓаните, како што се маслото, лебот, млекото, млечни производи, шеќерот, солта и така натаму, и така натаму, јајцата и слично – изјави министерот.
Сепак, Дурмиши оцени дека акцијата во првите денови почнала успешно, а кај некои производи во кошницата намалувањето на цените било и над 10 проценти. Но, тоа не се случило и кај многу, други основни прехранбени производи, чии цени се драстично зголемени.
По вчерашната критика, премиерот Христијан Мицкоски, денеска отиде чекор понатаму и порача дека имало поскапувања на некои производи за дури 25 отсто. Тој на Фејсбук, објави дека на владина седница е донесена одлука преку координација со МЕТ да се засилат инспекциските контроли на одредени основни прехранбени производи кои во меѓувреме добија значително повисоки цени во маркетите.
-Владата го задолжи Министерството за економија и труд да испрати насока до Државниот пазарен инспекторат, да излезе веднаш на терен и да утврди фактичка состојба, да се утврдат неправилности и злоупотреби со поскапувањата на одредени производи за широка потрошувачка и да се направи анализа за минатите 30 дена. Нема да дозволам на грбот на граѓаните неодговорни трговци да направат екстра профит злоупотребувајќи ја нашата и граѓанската доверба. Нема место за таков вид на профитери – порача премиерот.
Мицкоски вчера апелираше до малопродажните синџири да го преиспитаат своето однесување во однос на цените на прехранбените производи со порака дека било „срамота што го прават трговците“.