Почесниот конзул на Косово во земјава, Арсим Папранику, во моментов е на информативен разговор во полициската станица Карпош. Информацијата за „360 степени“ ја потврдуваат од Министерството за внатрешни работи (МВР). Оттаму додаваат дека истрагата е во тек и дека не може да откриваат дополнителни информации.
Во медиумски написи Папранику е споменуван како бизнисмен со чие дипломатско возило поранешниот прв вицепремиер Артан Груби ја напуштил земјава и заминал за Косово.
Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за ТВ 21 пред два дена изјави дека Груби во неделата со уште едно лице, за кое рече дека е стопанственик, со дипломатско возило ја напуштил земјава и влегол во Косово.
МВР денеска распиша меѓународна потерница по Груби и ексдиректорот на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, откако таква наредба вчера издаде ОЈО Скопје. Кривичниот суд претходно им определи 30-дневен притвор кој ќе почне да се спроведува откако ќе бидат обезбедени во земјава.
Груби и Бајрами се осомничени дека како соизвршители и одговорни лица во АД „Државна лотарија“, вршејќи ги своите посебни овластувања и должности, во 2023 година направиле штета на акционерското друштво со намера противправно да прибават буџетски средства на Лотарија во износ од над осум милиони евра. Обвинителството ги сомничи за кривичното дело проневера во службата.