ПОЧЕТНА СВЕТ Бундестагот му изгласа недоверба на канцеларот Шолц

Бундестагот му изгласа недоверба на канцеларот Шолц

125

Германскиот Бундестаг му изгласа недоверба на канцеларот Олаф Шолц, јавува Би-Би-Си. Планот на Шолц беше да ја изгуби довербата за да го отвори патот за нови избори на 23 февруари.

Трипартиската коалиција на Шолц пропадна минатиот месец, откако претставниците на Слободните демократи поднесоа оставка поради долговите, оставајќи ги неговите Социјалдемократи и Зелените без парламентарно мнозинство, токму додека Германија се соочува со продлабочена економска криза.

Шолц подоцна ќе побара од претседателот Франк-Валтер Штајнмаер да го распушти парламентот.

Штајнмаер, кој минатиот месец изјави дека „на оваа земја ѝ треба стабилно мнозинство и влада која е способна да дејствува“, има 21 ден да ја донесе таа одлука. По распуштањето на парламентот, изборите мора да се одржат во рок од 60 дена.

Во пракса, кампањата е веќе добро во тек, пишува АП.

-Мојата цел е да распишам предвремени општи избори, рече Шолц претходно на дебата во парламентот, пренесува Гардијан.

Тој изјави дека неговата цел е да ја зајакне довербата во иднината на земјата преку обезбедување просперитет и безбедност.

-Ни треба повеќе економски раст, ​​додаде тој.

Шолц, исто така, ја истакна потребата од инвестиции за да продолжи да ја поддржува Украина во нејзината одбрана од руската инвазија преку финансирање на германската армија.

-Ниту еден гласач не можеше да ги предвиди предизвиците со кои ќе се соочиме во последните три години, рече Шолц.

Тој во својот говор, меѓу другото, го истакна и неговото противење за испраќање ракети со долг дострел „Таурус“ или германски војници во Украина, која е разурната од војна.