Уставниот суд ја одобри одлуката за одржување подготвителна седница за „Законот за јазици“, на која ќе се слушнат мислењата на експертите „За“ и „Против“, во однос на неговите спорни одредби. Терминот за закажување на седницата конечно ќе биде одреден на следната седница, кога судијата известител Елизабета Дуковска ќе треба да подготви список со најспорните прашања и имињата на најпознатите правници во државата, поканети да ги дадат своите мислења.
Ваквиот предлог дојде токму од судијата известител, кој потенцираше дека треба прво да се слушнат мислењата „За“ и „Против“. Предлогот го поддржаа сите членови, вклучително и претседателот Дарко Костадиновски. Единствена која се спротивстави беше судијката Добрила Кацарска, која влезе во дебата со судијката Ана Павловска-Данева. Кацарска оцени дека не треба експерти да им кажуваат за прашања кои самите уставни судии треба да ги знаат. Според Кацарска подготвителни седници можат да се одржуваат за предмети поврзани со постручни прашања како медицина, градежништво и други. Другите судии не ја поддржаа Кацарска, бидејќи според нив, работата е доста чувствителна и важно е да се слушнат странките, бидејќи тоа би помогнало и во транспарентноста и кредибилитетот на Уставниот суд.
Претседателот Дарко Костадиновски рече дека прашањето е доста комплицирано, затоа треба да има мислења на експерти, особено за тоа како Уставниот суд ќе го толкува амандманот 5 од Уставот, на кој службен јазик во државата, покрај македонскиот, е и другиот јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на земјава. Денешната седница, ја бојкотираше како и што најави во интервју за Алсат судијата Осман Кадриу, и неговиот колега Насер Ајдари, како потег да се спречи гласањето за евентуално покренување на постапката за оцена на уставноста, и нивно евентуално надгласување како во случајот со укинување на Балансерот.
Судијата на турската заедница Фатмир Скендер, исто така, ја напушти седницата, откако на почетокот на седницата побара одложување, но ова барање беше едногласно одбиено од останатите шест судии. Судијата Кадриу во своите јавни настапи се повика на заклучокот што претходно го одобри Уставниот суд, дека во случајот со „Законот за употреба на јазиците“ треба да се одлучува со целосен состав на Уставниот суд. Но, претседателот на судот Дарко Костадиновски, како и судијката Добрила Кацарска денеска по ова прашање рекоа дека заклучокот бил одобрен во времето кога Уставниот суд работел само со пет судии од вкупно девет. Според нив, заклучокот е поврзан со фактот за избор на 9 членови на Судот, но не и со тоа дали избраните членови треба да учествуваат на седницата.
Судијката Тања Васиќ-Бозаџиева рече дека предметите не се решаваат на улица и во шатори, туку во Уставен суд. Бозаџиева им наложи на судиите Кадриу, Ајдари и Скендер да учествуваат на подготвителната седница. Предметот за „Законот за употреба на јазиците“, кој беше формиран од 13 иницијативи на десетици македонски граѓани, професори и партии, се чуваше во фиока 5 години по ред. Подносителите на иницијативите го оспоруваат целиот закон, освен ставот 1 од членот 1 во кој се вели дека „македонскиот јазик е службен јазик“. Спорно е самото име на законот, но и неговото објавување во Службен весник без потпис на тогашниот претседател Ѓорге Иванов. Сепак, најконтроверзните членови за кои долго време се шпекулира дека подлежат на уставната гилотина се оние за употребата на албанскиот јазик во банкнотите, судските постапки и униформите.