ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Гоце Трајковски кој требаше да сведочи за убиството на Вања и Панче...

Гоце Трајковски кој требаше да сведочи за убиството на Вања и Панче е во бегство – осомничен е за палење на кафуле

829

Гоце Трајковски, еден од клучните сведоци во случајот за грабнувањата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, е осомничен за за палање на угостителски објект во скопска Кисела Вода и се наоѓа во бегство.

Ова беше кажано на денешниот брифинг во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија на кое обвинители од целата држава одговараа на новинарски прашања за предмети кои изминатиов период предизвикуваат интерес во јавноста.

Трајковски, кој заедно со таткото на Вања, Александар Ѓорчевски водел паралелна истрага по исчезнувањето на девојчето, прибирајќи и прегледувајќи снимки од камери, за овие активности првично требаше да сведочи на рочиштето за предметот што се одржа на 15 ноември.

Но, тој тогаш не се појави, а оправдувањето беше дека имал паничен напад и висок притисок.

Два дена пред овој датум, Трајковски, според скопското Основно јавно обвинителство, учестувал во опожарување на угостителски објект лоциран во приземјето на станбен објект во кој имало станари.

„Лицето е осомничено за друго кривично дело и тој во моментот не е достапен за органите на прогонот. Осомничен е за учество во палање на објект во Кисела Вода, дело за кое во притворт се веќе две лица“, соопшти шефот на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски на брифингот.

Известувањето дека Трајковски е во бегство, Обвинителството го добило вчера.

Инаку, Трајковски е син на поранешната директорка на „Фершпед“ Кираца Трајковска, која на 15 декември сведочеше во Судот во рамките на истиот предмет. Трајковска пред судот тогаш кажа дека нејзиното семејство е во стара кумовска врска со семејството на Александар Ѓорчевски и затоа побарала од нејзиниот син да помогне во потрагата по девојчето.

За палањето на објектот Основното јавно обвинителство преку соопштение информираше на 17 ноември, а во него се вели дека настанот се случил во раните утрински часови на 13 ноември.