„Стражата на јазикот“ поставена викендов од ДУИ пред Уставниот суд, се сведе на 10-тина лица кои пијат чај во нивниот шатор. Ова е четврти ден како интегративците вршат притисок врз уставните судии, во пресрет на утрешната седница за оценување на уставноста на Законот за јазици, заканувајќи се дека нема да има мир, ако не бидат отфрлени сите 13 иницијативи. Нивните пораки претседателката на државата денеска ги нарече партиски, лични и субјективни. Побара политичарите да го остават Уставниот суд да работи, согласно Уставот и деловникот.
Премиерот, пак, повторно апелираше до јавноста да не наседнува на провокациите од ДУИ и да не очекува дека утре ќе се случи нешто драматично. Образложи дека процедурата што ќе ѝ претходи на конечната одлука во Уставниот суд, може да трае со месеци, па дури и со години, а за да се дојде до конечно решение, најпрвин надлежниот судија треба да им го објасни случајот на своите колеги, по што следат јавна дискусија и подготвителна седница. Вели дека и самите интегративци се свесни за долгата процедура со оспорените членови од законот, но сакаат да креираат впечаток во јавноста дека одлуката на нема да биде донесена на утрешната седница, благодарение на нивниот политички притисок.
И покрај сето ова, од ДУИ не се откажуваат од „стражата“ пред Уставниот суд.
Уставниот судија Осман Кадиу и денеска потврди дека нема да присуствува на утрешната седница, од принципиелни причини. Извесно е и отсуството на неговиот колега, Насер Ајдари, со кого го делат ставот, дека „за нив не е разумно да се дел од мнозинство што ќе донесе одлука во врска со прашања од албански анционален карактер“. Всушност, со своето отсуство, ќе се обидат да ја блокираат постапката, откако Уставниот суд уште пред две години има донесено заклучок дека, за секој предмет од посебно значење за граѓаните, треба да се одлучува со учество на сите девет судии.