ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Невладините бараат 130 милиони денари за превенција од ХИВ, наместо предвидените 90...

Невладините бараат 130 милиони денари за превенција од ХИВ, наместо предвидените 90 во Предлог буџетот за 2025 година

27

Дојдоа пред влада со транспаренти „Превенција е подобро од лекување“ и „Превенција спречува епидемија – заштитува животи“ и апелираа за зголемување на буџетот за превенција и лекување од ХИВ вирусот. Четиринаесет невладини организации, обединети во иста платформа, се незадоволни што со Предлог буџетот за наредната година е предвидено да добијат 90 милиони денари, што е за 20 милиони помалку од добиените годинава.

Според направените проценки, потребни им се 130 милиони денари. Од нив, 109, како што рекоа, се неопходен минимум за терапија за постоечките и за пациентите на кои ќе им се дијагностицира ХИВ наредната година. А, 21 милион за услугите за минимум превенција, што ги добиваат последните две години.

„Со моментално предвидениот износ во Предлог буџетот за 2025 година, кој што е 90 милиони за оваа програма, ќе немаме можност ниту да обезбедиме соодветна и доволна терапија за сите пациенти, а секако превенцијата ќе претрпи укинување“, изјави Андреј Сених од НВО „Заедно посилни“.

„Тоа се услугите за скрининг и тестирање за ХИВ мобилната амбуланта која што е отворена во 2007 година, како и стационарните услуги за ХИВ ширум државата кои во 2023 година ги искористиле 1.750 корисници. Од нив, 35 отсто се млади. Понатаму, услугите за превенција на ХИВ и други крвни, сексуално преносливи инфекции, преку кои се опфаќаат 8.000 корисници од разни маргинализирани групи граѓани. За значителен дел од нив, овие услуги претставуваат единствен пристап до најосновна здравствена заштита“, изјави Влатко Деков од НВО „ХОПС“.

Ќе се укине и мобилната гинеколошка амбуланта со која лани биле опфатени 1.650 лица со сексуално преносливи инфекции, 13 центри за намалување на штети од употреба на дроги во исто толку градови низ Македонија, во кои биле вклучени 3.500 млади луѓе и еден центар за маргинализирани жени, дополни Деков.

Триесет отсто од вкупниот број на пациенти со ХИВ вирус, сега примаат застарена терапија што не е во согласност со СЗО и не се употребува во регионот поради несакани ефекти на централниот нервен систем. Во програмите за превенција се вклучени околу 8.000 граѓани од категоријата маргинализирани и тоа им е единствената здравствена заштита. Преку тестирањата, ХИВ се открива во рана фаза и се дава основна терапија што е многу поевтино, отколку да се троши на скапи лекови и долги хоспитализации при откривање на вирусот подоцна“, дополни Сених.

Од владата велат дека нема промена во ставката на програмата, која се однесува на терапијата, што значи пациентите и понатаму ќе ја добиваат. Но, нема одговор за средствата за превенција. Владата и Министерство за здравство се отворени за соработка со невладините организации, во интерес на здравствената заштита на граѓаните, кажаа од таму.