Уставниот судија Осман Кадриу најави дека тој и неговиот колега Насер Ајдари нема да учествуваат на седницата на Уставниот суд на 11 декември, кога треба да се одлучува за уставноста на Законот за употреба на јазиците. Во интервју за ТВ Алсат, тој кажа дека причина за бојкотот на уставните судии Албанци е надгласувањето.
„Во досегашното мислење беше кажано дека се оспорени 2-3 одредби. Не! Оспорени се 18 одредби. Доколку се оспорат 18 одредби од Законот за јазици, тоа значи оспорување на половина од законот. Ако сите оспорени 18 и ако судот со мнозинство гласови го прифати нивниот спор и го укине, тогаш немаме закон. Значи ако се прифатат овие… Тогаш немаме закон. Инаку, за ваша информација, еден од споровите е спорот за употребата на терминот албански јазик, тој се користи во две одредби“, изјави Кадриу за ТВ Алсат.
Вчера во Брисел, вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи кажа дека очекува проблеми поради Законот за употреба на јазиците.
„Во наредните неколку дена очекувам проблеми поради Законот за употребата на јазиците, кој беше оспорен во 2018 година и ќе видиме што ќе произлезе од тоа. Денеска дознав дека уставните судии кои се дел од немнозинските заедници нема да присуствуваат на седницата“, рече Фетаи вчера на конференција „Пријателите на Европа“ .
Денеска, премиерот Христијан Мицкоски кажа дека нема дека не постои опасност по безбедноста.
„Не постои опасност по безбедноста, ниту некогаш сме дозволиле да постои. Сме предупредувале дека има обиди да се наруши безбедноста и ова е еден од тие обиди. Има некои места каде што се состануваат поединци кои сакаат да направат безбедносна тензија. Ние како држава и Влада ќе сториме сѐ за да гарантираме безбедност посебно сега, во услови кога сите индикатори, економски параметри, ниво на странски инвестиции, зголемени плати, реформи, раст на БДП… одат во позитивна насока. Ние сме свесни дека тие елементи кои сакаат да не влечат назад во политичкото мочуриште и во минатото, но граѓаните да бидат сигурни дека многу анализираме и работиме со нашите стратешки партнери. Ниту тие ние, ниту Владата ќе дозволи да има какви било безбедносни проблеми“, кажа Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по седницата на Економско социјален совет.