ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Вторпат одложен стартот на повтореното судење за пожарот во модуларната болница во...

Вторпат одложен стартот на повтореното судење за пожарот во модуларната болница во Тетово

6

Повторно е одложен почетокот на судењето за пожарот во тетовската модуларна ковид-болница, кој се случи на 8 септември 2022, а кој е вратен на повторно судење по одлука на Апалацискиот суд во Гостивар. Судот во Тетово во април 2023 донесе пресуда со која поранешните директори на тетовската болница Флорин Бесими и Артан Етеми за кривичното село „Тешки дела против општата сигурност“ им изрече казна затвор во траење од една година и шест месеци, односно им изрече Условна осуда, а казната затвор нема да се изврши ако обвинетите, секој за себе, во време од три години не сторат ново кривично дело.

На Клиничката болница Тетово како правен субјект, за истото кривично дело ѝ беше изречена парична казна во висина еден милион денари. Четвртообвинетиот, докторот Бобан Вучевски, беше ослободен од обвинението.

По доставена жалба од обвинетите Бесими, Етени и ЈЗУ Клиничка болница, и од доставената жалба од Обвинителството, Апелацискиот суд во Гостивар по јавната седница која се одржа во април 2024, донесе решение да го врати судскиот спор на повторно разгледување во Тетовскиот суд. За докторот Бобан Вучевски, Апелацискиот суд ја одби жалбата на Обвинителството и ја потврди првостепената ослободителна пресуда за него.

Одлуката на Апелациониот суд Гостивар за враќање на предметот на повторно судење е образложена на 21 страница, при што меѓу другото, се вели дека констатацијата на првостепениот суд е воопштена и нејасна, односно „отсуството на образложени причини за решителни факти ја прави обжалената пресуда нејасна, неразбирлива и неподобна за целосно испитување по однос на нејзината правилност, на што основано се укажува во изјавените жалби на обвинетите“.

Првото рочиште од повтореното судење беше закажано за 26 јуни, но се одложи за денес, поради отсуство на претставници на Клиничка болница Тетово. Денешното судење по овој случај по вторпат се одложи, а судијата Јордан Велковски информираше дека причината е отсуство адвокатот на Артан Етеми, еден од двајцата обвинети директори на Клиничка болница Тетово. Рочиштето е закажано за 5 ноември 2024 во 10 часот.

Пожарот во тетовската модуларна болница се случи на 8 септември 2022, во кој загинаа 12 пациенти болни од ковид-19 и двајца членови на семејствата на болните.