ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Доделени наградите на најдобрите балкански информатичари, нашиот Дамјан Давков освои сребрен медал

Доделени наградите на најдобрите балкански информатичари, нашиот Дамјан Давков освои сребрен медал

52

– Даниел Којнов, ученик од Гимназијата во бугарскиот град Шумен е победник на 31.

Балканска олимпијада по информатика што во организација на Здружението на информатичари на Македонија деновиве се одржа во Охрид.

Тој беше прогласен за најдобар во конкуренција на педесеттина учесници од 15 земји од поширокиот Балкански регион.

Најдобар од македонските претставници на натпреварувањето е Дамјан Давков од Штип кој е ученик во Математичко-информатичката гимназија во Скопје, со освоен сребрен медал.

Како што беше истакнато на денешната церемонија на доделувањето на наградите за најдобрите учесници на Олимпијадата, целта на ваквите настани е поттикнување на соработка меѓу балканските народи и инспирацијата на млади таленти во областа на технологијата и иновациите.

Миле Јованов, претседател на Здружението на информатичари на Македонија и професор на ФИНКИ, посочи дека денешниот е последниот официјален настан од Балканската олимпијада по информатика која оваа година е организирана во Македонија.

– Овие настани, ваквата Олимпијада овозможува да се промовира науката се повеќе и повеќе односно информатичката област. И тоа е целта.

Ние сакаме преку собирање на најдобрите ученици и од Македонија и од сите други земји да дадеме позитивен пример на сите наши други ученици да се заинтересираат во областа, да работат и да постигнат врвни резултати.

Разликата меѓу научните и спортските олимпијади е тоа што кога некој ќе постигне медал на спортска олимпијада тоа е врвот на неговата кариера, додека кај освојување на медал на ваква интернационална научна олимпијада учениците ќе освојат медал, а потоа за нив почнува успешноста во оваа многу барана професија, односно во рамки на компјутерската наука воопшто, рече Јованов.

Во однос на тоа каде како држава се наоѓаме кога е во прашање областа на информатиката, тој истакна дека се носиме рамо до рамо со другите балкански држави.

– На ниво на Балканскиот регион Македонија е една од најмалите држави по популација и површина.

Ние успеваме да се носиме рамо до рамо со другите држава Сребрениот медал за Дамјан Давков е доста силно одличје за Македонија, истакна Јованов.

Балканската олимпијада по информатика е натпревар во програмирање за средношколци од регионот на југоисточна Европа.

Домаќин на олимпијадата секоја година е различна земја, членка на БОИ Иницијативата.

На Олимпијадата секоја држава има право да учествува со најмногу четворица ученици/ натпреварувачи кои претходно се бираат според постигнати највисоки државни резултати, а државата домаќин може да има две екипи со по четири) натпреварувачи.

На натпреварот во Охрид улествува ученици од Македонија, Србија, Албанија, Грција, Бугарија, Романија, Словенија, Молдавија, Босна и Херцеговина, Кипар, Турција, Црна Гора и Италија.

Дополнително, учество седоа и учесници од земји поканети како гости на Олимпијадата и тоа од Хрватска, Швајцарија, Полска, Украина, Саудиска Арабија.