Израелскиот министер за надворешни работи испрати писмо до претседателот на Советот за безбедност на Обединетите нации во кое бара резолуцијата 1701 целосно да се спроведе и да се гарантира целосно повлекување на Хезболах од јужен Либан.
Израел Кац нагласи дека Израел „не е заинтересиран за војна од големи размери“, но ќе ги „преземе сите неопходни мерки“ за да се одбрани во согласност со меѓународното право.
Извори од израелското Министерство за надворешни работи изјавија за Скај њуз дека спроведувањето на резолуцијата е „единствениот и последен начин да се спречи војна“.
Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН, усвоена во август 2006 година за време на војната во Либан, повикува на целосен прекин на непријателствата меѓу Израел и Хезболах. Исто така, се бара повлекување на сите израелски сили и вооружени групи меѓу Сината линија и реката Литани, освен мировниците на ОН и либанската војска.
Иако прекинот на огнот стапи на сила неколку дена по усвојувањето на резолуцијата, а израелските сили се повлекоа од Либан, Хезболах и другите вооружени групи останаа присутни.
Во своето писмо, Кац рече дека од нападот на Хамас на 7 октомври врз Израел, Хезболах истрелал „повеќе од 8.300 ракети, приближно 1.500 противтенковски проектили и стотици експлозивни беспилотни летала“ врз Израел, што резултирало со евакуација на 70.000 Израелци од југот на земјата.
Кац истакна дека Израел барал дипломатско решение со Либан за да се обезбеди спроведувањето на Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН, но Хезболах го отфрли ова и наместо тоа го поврзa прашањето со прекин на огнот во Газа.
Министерот за надворешни работи нагласи дека неодамнешните напади врз Либан биле во самоодбрана, а минатонеделниот напад врз раководството на Хезболах во Бејрут бил „да се спречи нивниот план да се инфилтрираат во регионот Галилеја и да извршат терористички напади врз Израел“.
Како заклучок, тој ги повика ОН „да дејствуваат за да обезбедат целосна имплементација на Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН и да гарантираат дека нема вооружени лица, опрема и оружје меѓу Сината линија и реката Литани“.