ПОЧЕТНА СВЕТ Доаѓа ли крајот на војната во Украина: Песков: Кремљ ќе го проучи...

Доаѓа ли крајот на војната во Украина: Песков: Кремљ ќе го проучи планот на Зеленски доколку биде официјално објавен

266

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека Москва ќе го разгледа „планот за победа“, подготвен од украинскиот претседател Володимир Зеленски во војната против Русија кога ќе биде објавена официјална информација за него.

Зеленски треба оваа недела да го претстави својот план на американскиот претседател Џо Бајден, како и на неговите потенцијални наследници – Доналд Трамп и Камала Харис – за време на неговата посета во САД, каде што утре се очекува да се обрати пред Генералното собрание на ОН.

Планот, чијшто детали Зеленски сѐ уште не ги открил јавно, изгледа како обид да ги убеди Вашингтон и останатите сојузници да обезбедат дополнителна помош за неговата земја, со цел Москва да биде принудена да го прекине конфликтот под прифатливи услови за Киев.

Украинските официјални лица сугерираат дека Русија можеби ќе биде поканета на самит за разгледување на решението на конфликтот според новиот план.

– Сметаме дека не треба да се анализираат медиумски извештаи. Ако информацијата за планот се појави во официјални извори, секако дека ќе ја разгледаме. Постојат многу контрадикторни и непроверени информации, па затоа сме многу внимателни во однос на ова, изјави Песков коментирајќи ја иницијативата на Зеленски.

Зборувајќи за неодамнешната изјава на францускиот претседател Емануел Макрон дека по војната во Украина ќе биде потребно Европа да ги преиспита односите со Москва, Песков истакна дека е потребна „нова архитектура на безбедноста“ на континентот.

Според него, во нејзини рамки ќе биде неопходно преку систем од гаранции да се обезбеди безбедноста на Русија.

Истовремено, портпаролот на Кремљ изјави дека нема информации за тестирањето на руската интерконтинентална балистичка ракета РС-28 „Сармат“, откако неодамна експерти соопштија, повикувајќи се на сателитски слики, дека тестирањето минатиот месец било неуспешно.

Песков изјави дека оваа тема треба да се упати до Министерството за одбрана.

Песков додаде дека денеска рускиот претседател Владимир Путин ќе се сретне со раководителот на институтот за истражување на атомската енергија „Курчатов“, Михаил Ковалчук.