ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Мицкоски од Брисел: Не можеме повеќе да прифаќаме ултиматуми

Мицкоски од Брисел: Не можеме повеќе да прифаќаме ултиматуми

183

Процесот на евроинтеграција да се темели на процес во којшто ќе се оценуваат постигнувањата, а билатералните прашања да не бидат одлучувачки фактор, ова е пораката, која премиерот Мицкоски и ја кажал на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен на денешниот работен ручек во Брисел на кој присуствуваат и лидерите на земјите од Западен Балкан. Тој денеска имаше средба и со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Мицкоски ја нарече Македонија жртва на билатерални проблеми.

-За жал ние речиси двеипол децении откако го започнав овој интеграционен процес, откако го потпишавме договорот за Асоцијација и стабилизација сме жртви на билатерални проблеми односно на билатерализација на претпристапниот процес

Не можеме повеќе да прифаќаме ултиматуми, не можеме да се развиваме како држава поради билатерални прашања поврзани со Средниот век, рекол Мицкоски на средбите со европските челници.

-Уште еднаш потенцирав дека ние не можеме повеќе да прифаќаме ултиматуми, за нас принципот тие се таму, вие сте надвор, ако сакате да бидете таму треба тоа да го прифатите, простете но ние такво нешто не можеме да прифатиме. А од друга стана ни велат дека има желба да бидеме членка во ЕУ. Мојот одговор на таа теза е дека ако има желба има и начин. Ние сме тука да бидеме конструктивни да останеме фокусирани во исполнување на оваа стратешка цел, остануваме фокусирани да предлагаме решенија и ако навистина има желба тогаш има и начин.

Премиерот Мицкоски истакна дека е подготвен да разговара со секого, додека не се најде вистински начин, но овој пат без понижувања.

-Јас сум подготвен со секого да разговарам, колку е тоа потребно, буквално со секого да разговарам додека не најдеме вистински начин којшто, овој пат нема да биде понижувачки. Да ни дозволат да ги јакнеме институциите и да ги збогатиме нашите капацитети како држава. Тоа е она што го бараме. Многу е? Јас мислам дека не е многу.

Внесувањето на Бугарите во Уставот е услов за Македонија да продолжи со европската интеграција, односно да се одржи втората меѓувладина конференција меѓу Брисел и Скопје. Денеска Фон дер Лајен наведе дека сите шест земји партнери од Западниот Балкан и припаѓаат на Европа, а со Планот за раст унијата ги доближува балканските пазари до европскиот.