Делумна евакуација на населението е наредена во руската област Твер по масивен напад извршен со украинско беспилотно летало кој предизвикал голем пожар во областа, изјавил локалниот гувернер, пренесува Би-би-си.
Според гувернерот Игор Руденја службите за итни случаи во градот Торопетс се обидуваат да го локализираат пожарот што го предизвикале остатоци од дронот, без да соопшти дали во инциднетот има жртви.
На снимките кои се појавиле во меѓувреме, а чија автентичност засега не може да се потврди, според британскиот национален сервис, можела да се види голема експлозија во градот. Според непотврдени информации, во нападот во текот на ноќта наводно било погодено складиште за оружје во градот.
Инаку, Торопетс се наоѓа на околу 380 километри северозападно од главниот град на Русија, Москва.
Утрово, локалните власти соопштиле дека автобусите за евакуација се веќе подготвени, а според нивните тврдења, ситуацијата во градот со околу 13 000 жители во моментов е под контрола.
Сепак, не е соопштено колку луѓе е предвидено да се евакуираат од областа.
Во меѓувреме, руските државни медиуми објавија дека регионалните училишта и градинки денеска ќе бидат затворени и нема да работат.
Напади во текот на ноќта биле пријавени и во западните руски региони Брјанск, Курск, Ориол и Смоленск.
Локалните власти соопштија дека биле соборени речиси 50 дронови и два проектили.
Засега нема коментар од официјален Киев за пријавените напади.
Инаку, во текот на ноќта, и украинската противвоздушна одбрана соборила повеќе руски беспилотни летала во близина на главниот град на земјата Киев, соопштил шефот на градската воена администрација Серхиј Попко.
Има извештаи и за експлозии во североисточниот украински град Суми, во близина на руската граница, но засега нема информации за потенцијални жртви.
Тврдењата и на руските и на украинските официјални претставници засега не се потврдени од независни извори.