ПОЧЕТНА СВЕТ ВОНРЕДНО: Виктор Орбан ќе дојде во посета на Македонија, најави Муцунски

ВОНРЕДНО: Виктор Орбан ќе дојде во посета на Македонија, најави Муцунски

284

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ќе допатува во посета на земјава на крајот на овој месец, најави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Засега, според него, не се знае точно каде ќе се одржи оваа средба (неофицијално се спомнува Охрид), а како потенцијални датуми се 25 и 26 септември.

Запрашан за коментар на наводите дека Унгарија делува како параван на Кина во заемот од 500 милион евра за земјава, Муцунски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, рече дека не видел кредибилни докази за ваквото тврдење и дека заемот е од земја-членка на Европската Унија, која во моментов претседава со ЕУ.

„Унгарија е земја чиј премиер редовно одржува билатерални средби со највисоките претставници на дел од земјите кои ги набројавте. Дури е примен во нивните главни градови, со кои врши трговија, со кои има одлична дипломатска и економска соработка. Ако сакаме да гледаме низ призмата на одредени предизвици кои ги има, секогаш ќе има. Една земја членка нема да се согласува со друга, втора нема да се согласува со трета. Но, што би значело тоа, ако на Чешка или Словачка утре им се отвори некаков спор, ние треба да бираме со кој да соработуваме. Ние ќе соработуваме и со Германија и со Унгарија и Австрија и Франција“, рече Муцунски.

Околу прашањето зошто Унгарија би имала интерес да ѝ даде кредит на земјава во ситуација кога нејзините макроекономските показатели се далеку од сјајни, со огромен јавен долг и многу висок дефицит, Муцунски вели тоа е грижа на унгарскиот премиер и оти договорот е јавно објавен.

„Најголемата критика е дека за тој заем има адвокатски услуги кои се природни. Ако критиката е дека се плаќаат 70 илјади евра за заем кој е под сите пазарни услови, тогаш таа критика не држи. Која е позадината? Унгарија како земја која е најблиска до регионот на Западен Балкан, сака стабилност и препознава потенцијал во новата влада. Ако не можеме да обезбедиме заем под добри услови, не критикуваат дека земаме големи заеми. Сега проблемот е заемот доаѓал од земја членка на ЕУ и НАТО, но таа моментално имала несогласувања со ЕК и со неколку земји членки“, рече Муцунски.

Тој вели дека како министер еднакво ќе ги третира сите потенцијални инвеститори без разлика дали доаѓаат од Унгарија, Словачка, Чешка или од САД, бидејќи како министер има обврска да соработува со сите, да гради односи и да не биде селективен.