ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА ТВ Сител за случајот со струмичкиот бизнисмен Крмзов: За камион увезена роба...

ТВ Сител за случајот со струмичкиот бизнисмен Крмзов: За камион увезена роба се плаќале само 1 500 евра царина, а сега за истото се плаќа 15 пати повеќе

319

Иако Јавното обвинителство не открива нови детали од предистрагата и координираните активности со Управата за јавни приходи (УЈП) и МВР, кои вклучија и претреси во повеќе правни субјекти во Струмица, Скопје и Гостивар кои, пак, според објавите на одредени медиуми, се доведуваат во врска со бизнисменот од Струмица, Ристо Крмзов, ТВ Сител од свои извори сподели неофицијални информации дека било откриено оти од сега пропаднатата Еуростандард банка биле подигнати осум милиони евра кои завршиле на сметки во Турција.

„Истрагата ја вклучува и Царинската управа каде за еден камион увезена роба се плаќало царина од само 1 500 евра, а за истата роба во последниот период, како што велат по смената на раководството, се плаќа за 15 пати повисоки давачки“, јавува ТВ Сител.

Дополнително се вели дека постојат одредени сомнежи дека во целиот случај се вклучени поранешни раководни структури од УЈП, Царина и Централниот регистар.

Инаку, вчера судија на претходна постапка донесе одлука за одземање на патната исправа на бизнисменот Крмзов додека другите три приведени лица беа пуштени на слобода без мерки за обезбедување.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски обелодени дека првичните сознанија со кои располага велат дека станува збор за криминал со милионски суми кои се последица на неколку кривични дела, даночно затајување, даночна измама и перење пари.