Коалицијата ВРЕДИ објави два сомнителни случаи на јавни набавки кои ги добила фирмата Ритрон Копи ДООЕЛ од Куманово, чиј сопственик, како што велат, е внукот на сопругата на пратеникот од редовите на Европскиот фронт, Елми Азири. Освен двата сомнителни тендери кои вчера беа објавени меѓу Државната лотарија и компанијата Ритрон ДООЕЛ, денеска објавија дека истото било направено и со Министерството за политички систем. ВРЕДИ не ги смета овие тендери за случајни.
Пратеникот Елми Азири запрашан за овие обвинувања ги нарекува езопски приказни. Тој ги гледа како цел да се исклучат албанските бизниси од учество на јавни огласи.
„Ги гледам како тенденција за напаѓање и на албансите бизниси по масовната деалбанизација на институциите, по постојаните скандали, како што изгледа на ред е и исклучувањето на албанските бизниси од институционалната дејност, за да се оневозможи преку страв и закани, било и јавни, да учествуваат во јавните набавки во земјата, кои се гарантирани со закон. Економскиот субјект постои од пред јас да станам дел од нивното семејство. Станува збор за консолидиран бизнис, има исклучителна работа и со приватниот сектор но и со други јавни институции“, рече Азири.
Коалицијата ВРЕДИ најави дека овие сомнежи за корупција не се последни и велат дека ќе продолжат со објавување на други наредните денови.