ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Формирано ново одделение за сериозен и сложен криминал во ОЈО Скопје поради...

Формирано ново одделение за сериозен и сложен криминал во ОЈО Скопје поради голем наплив на нови предмети

39

Обвинителство оформи посебно одделение за сериозен и сложен криминал на чело со јавниот обвинител во ОЈО Скопје Владимир Милошески и уште седум обвинители. Скопското обвинителство информираше дека една од причините е и напливот на нови предмети по кои треба да се постапува.

Според информацијата, новото одделение ќе се занимава со високо профилни предмети поврзани со злоупотреба на службена положба, предмети со поголем број на обвинети и дела за кои се предвидува доживотен затвор.

– Измените на Кривичниот законик, особено во однос на кривичното дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353, предизвикаа промени во однос на стварната надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поради што голем дел од предметите во претходна постапка за член 353 став 5 од КЗ се доставуваат на стварна и месна надлежност на ОЈО Скопје. Земена е предвид измената на членот 98-а за проширена конфискација во истиот закон, што бара поинаква внатрешно – институционална поставеност и зголемен ангажман на јавните обвинители уште во предистражна постапка, заради навремени финансиски истраги. Имајќи предвид дека сторителите се почесто користат разни механизми за прикривање и на кривично – правните дејствија и на непосредната и посредната противправна имотна корист од казнивите поведенија, тоа ја усложнува истражувачката активност и бара дополнителни познавања и посебна посветеност на јавните обвинители за истражување и гонење на овие облици на криминал. – велат од Основно јавно обвинителство.

Дали со формирањето на новото одделение за сложен и сериозен криминал се создава пандан на постоечкото Обвинитество за гонење организиран крминал, дали ваквиот концепт ќе даде резултат во борбата со криминалот? Познавачите велат дека и сега имаме институции, само треба да си ја завршат задачата.

„Би требало наместо со некакви реорганизации и шминки-реформа да се зафатат сериозно со работа и сериозно да обезбедуваат квалитетни докази пред судот, а не да спијат на уво дека се Обвинителство, па во старт се’ мора да биде прифатено и процесоирање. Иднината на ова одделение ќе биде како и на сите други. Ова не е ништо ново, ништо посебно во ОЈО Скопје. Како тие ќе се организираат е комплетно неважно и мислам дека нема да даде квалитет. Квалитет ќе даде само ако создадеме систем, кој ќе функционира, а ние го немаме и ако утврдиме одговорност за досегашното однесување и досегашното работење на сето она што се случуваше и во Обвинителството и судството, во целото правосудство.“ – изјави Звонко Давидовиќ адвокат.

Од скопското ЈО велат дека со новото одделение на обвинители треба да даде соодветен стимул и на правосудната полиција во нејзината откривачка функција. Потребата од вистинска борба со криминалот преку реформи во правосудството е нотирана во сите меѓународни извешати. Дел од експертите остануват на ставот дека почетокот на оваа реформа трба да биде и ветингот во правосудството. Власта најави распуштање на судскиот и обвинителскиот совет, а меѓународната заедница апелира дека вакви одлуки не се носат брзо и треба да се размислува внимателно.