ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Ребалансот ги преполови ваучерите за летување на државна сметка

Ребалансот ги преполови ваучерите за летување на државна сметка

104

Од денеска започнува доделувањето на ваучери-потврди за туризам од 18.000 денари за работници со ниски приходи, но наместо 3.555, нив ќе ги добијат 1.777 работници со ниски приходи

Наместо 3.555 ваучери од по 18.000 денари, Министерството за економија ќе подели само 1.777 вакви потврди за граѓаните со ниски приходи да може да летуваат на езеро или на планина. По ребалансот на Буџетот, за оваа мерка се предвидени вкупно 32 милиони денари, иако од претходното раководство беше најавено дека за мерката се изводени 64 милиони денари (1 милион евра).

-Согласно Програмата за поддршка на домашниот туризам за работници со ниски приходи во 2024 година, од денеска започнува доделувањето на ваучерите-потврди за одмор за работници со ниски приходи – објави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши. Министерството за економија и труд ја објави листата на лицата кои аплицирале и се добитници на ваучери согласно јавниот повик објавен на почетокот на годината.

Решенијата за граѓаните кои аплицирале, ги исполниле условите од јавниот повик се потпишани, согласно принципот прв дојден прв услужен. Ваучери за одмор за работници со ниски приходи во домашните туристички капацитети во вредност од 18.000 денари ќе добијат 1.777 лица, соопшти Дурмиши.

Овие ваучери може да се користат од 15 септември до 1 декември во некој од угостителските објекти за сместување кои се пријавиле во Министерство за економија и труд. Списокот на хотели и победнички лица се наоѓа на веб-страницата на MEТ.

На јавниот повик што беше објавен во февруари годинава пристигнаа околу 5.000 апликации. Разгледувањето на апликациите и поделбата на ваучерите се совпадна и со реорганизацијата на министерствата, но и на активностите за подготовка на ребалансот на буџетот.

Годинава на повикот на Министерството за економија се пријавија 39 хотели во Охрид, Струга, Маврово, Негорци, Кичево, Дебар, Стар Дојран, Струмица, Берово, на Попова Шапка, Пелистер и Пониква. Меѓу нив има со две, три и четири ѕвезди. Дел од овие објекти и претходно учествуваа на јавните повици на Министерството. Програмата трае од 2018 година и вкупно биле доделени околу 3 илјади ваучери поради ограничениот буџет, а годинава сумата предвидена за домашните летувалци е трипати зголемена.

За да може да ги искористат ваучерите, работниците треба да покажат дека нивните месечни примања во семејството не го надминуваат нето-приходот од 50.000 денари. Поентата на оваа мерка, која и во изминатите години, се покажа како успешна е да им овозможи на лицата со ниски приходи да летуваат на државна сметка, а во исто време да се продолжи туристичката сезона, надвор од летниот шпиц.

Во 2021 година, 4.086 граѓани аплицираа на повикот за добивање ваучери со вредност од по 200 евра. Но, за разлика од 2020 година, кога на располагање беа повеќе од 100.000 ваучери, тој број по една година се сведе на само 1.250. Вредноста на ваучерите во 2020 година изнесуваше 6.000 денари, плус џепарлак од 3.000 денари, односно платежна картичка за да плаќаат во кафеаните и кафулињата. И во 2022 година беа доделени меѓу 1.500 и 2.000 ваучери со вредност од 15.000 денари.