ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА За Мицкоски иницијативата за интерпелација на Гаши е глупава и незрела

За Мицкоски иницијативата за интерпелација на Гаши е глупава и незрела

89

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче на еден ден пред гласањето во Собранието го изнесе само својот личен став дека интерпелацијата за собранискиот спикер треба да се поддржи поради тоа што се направиле премногу престапи

Ден пред интерпелацијата, Африм Гаши во Собрание своето утринското кафе денес го испи со лидерите на коалицијата Вреди – Изет Меџити, Арбен Таравари, Билал Касами, Зеќирија Ибрахими и Беким Ќоку.

Како што напиша на својот Фејсбук профил, овојпат разговарале за политичките актуелности, ја повториле реториката за посветеноста на исполнување на обврските кон граѓаните и потребата за континуитетот на коалицијата, во интерес на Албанците кои живеат во Северна Македонија, како и на самата држава. Но, ниту збор за интерпелацијата.

Околу довербата на собранискиот спикер, денеска, еден ден пред гласањето, се огласија и премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче.
Според очекувањата, владејачката ВМРО-ДПМНЕ нема да ја поддржи иницијативата за интерпелација на собранискиот спикер, Африм Гаши. Како што рече Мицкоски, од партијата имале голем број аргументи за донесување на таквиот став, а иницијативата ја нарече глупава и незрела.

– Ова е незрело, би рекол глупаво однесување на коалицијата СДСМ, ДУИ и Левица и дека апсолутно нема никаква основа за интерпелација на спикерот Гаши и ние нема да ја поддржиме таквата иницијатива. Имаме голем број аргументи зошто тоа не треба да го направиме – рече Мицкоски.

Во изјава за медиумите тој објаснуваше зошто не ја поддржуваат интерпелацијата на спикерот Гаши.

– Затоа што разликата во водењето на Македонија меѓу оваа влада и онаа влада предводена од СДСМ и ДУИ е огромна, односно тоа веќе и се чувствува и насекаде низ Македонија можете да забележите дека надежта кај граѓаните е дека конечно ќе успееме, дека доста се порази и дека конечно ќе почнеме да победуваме – изјави Мицкоски, кој присуствуваше на првиот училиштен ден во ООУ „Стив Наумов“ во населбата Автокоманда во Општина Гази Баба.

За разлика од него, лидерот на СДСМ Венко Филипче засега останува само со личен став.

– Мојот личен став е дека интерпелацијата за собранискиот спикер треба да се поддржи поради тоа што се направија премногу престапи и ние бевме тие кои ја запознаа јавноста за тие работи. Не само ние, институции излегоа и го констатираа прекршувањето на одредени правила на однесување на функционерите. Меѓутоа, ова е само мој став кој јас ќе го бранам и ќе го изложам за време на денешната координација, но дозволете партијата да заземе официјален став – одговори денеска на новинарско прашање Филипче, кој присуствуваше на почетокот на новата учебна година во ОУ „Коле Неделковски“ во Скопје.

Интерпелацијата за работата на Гаши ја поднесе Левица на 6 август и во неа се наведени следните точки:

Повреда на секуларноста на државата
Повреда на дипломатските правила за обезбедување ВИП личности
Повреда на употребата на македонскиот јазик
Повреда на правилата за употреба на државните инсигнии
Повреда на законските и етичките одредби за антинепотизам
Повреда на деловничките одредби за нормална работа на пратениците