ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Со среќа во новата учебна година!

Со среќа во новата учебна година!

77

Со 17 илјади основци и средношколци помалку отколку пред седум години, од кои околу 3.500 првачиња, денеска започнува учебната година. И оваа година, наместо наставата и предизвиците пред учениците, теми се учебниците и протестите за повисоки плати на просветните работници. Денеска е првиот училиштен ден од новата учебна 2024/2025 година за 245 илјади основци и средношколци. Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, вчера, на прес- конференција, рече дека намалувањето на бројот на ученици е погубно и разочарувачки и е резултат на лошите политики, не само во образованието туку во сите општествени сегменти. Таа најави дека ќе ги заменат постојните политики со нови и прогресивни, во чие креирање, како што рече, ќе учествуваат сите оние што се засегнати.

Учебници по сите предмети, освен по странски јазици за основците

За да бидат спроведени тие политики, додаде, ќе биде обезбеден поширок консензус. Министерката рече дека прв пат по седум години, учебната година започнува со навремено испорачани учебници во сите основни училишта во државата. Според неа, обезбедени се 10-ина нови наслови во основното и над 100 во средното образование, кои досега не биле отпечатени. МОН веќе испорачало до училиштата 360 илјади примероци од сите одобрени и испечатени учебници и наставни материјали. Единствено, според Јаневска, во основното образование ќе недостигаат, петта година по ред, учебниците за странски јазици од прво до деветто одделение, поради тоа што претходното раководство во МОН ја поништило постапката за јавна набавка и таа одлука е во жалбена фаза, која сè уште трае.

– Потврдувам дека утре учебници ќе има секаде. Ова беше мое прво ветување веднаш по стапувањето на функцијата и денеска можам да кажам дека успешно го реализираме. На виделина излегува неспособноста или недостигот на желба за работа кај неколку претходни министри. Конечно, по повеќе учебни години, ученичките генерации навремено ќе имаат основни наставни помагала за совладување на материјата. Сите учебници што се одобрени и испечатени, веќе се испорачани. Досега, во овие 60 дена, испорачавме над 360 илјади примероци од сите одобрени и испечатени учебници и наставни материјали во вредност од над 80 милиони денари. Учебниците се веќе дистрибуирани по училиштата. Доколку се случи некој ученик или родител да се пожали на стар, дотраен учебник, ве информирам дека набавката на учебници ќе продолжи според потребите на училиштата. Евидентна е разликата што ја постигнавме за само два месеца, во споредба со минатите седум години – рече Јаневска.

Таа додаде дека МОН ќе се наврати на ревидирање на наставните програми во пониските одделенија, бидејќи, како што рече, и таму ситуацијата е слична и, и таа треба да се поправи. Според неа, фрапантен е податокот дека до изминатата учебна година се користеле учебници без регулирани авторски права и оти сега се склучени договори и правата се времено отстапени.

Од Министерството и претходно ветија дека за оваа учебна година, на првиот училиштен ден, децата ќе имаат учебници или наставни материјали по сите предмети, освен за странски јазици, бидејќи, според објаснувањето, тендерот пропаднал и во тек е жалбена постапка.