ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Петрова: Претходната директорка на УЈП донела одлука и акти кои се незаконски,...

Петрова: Претходната директорка на УЈП донела одлука и акти кои се незаконски, затоа сега имаме хаос

389

Директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова денеска во изјава за медиумите истакна за една, како што вели, мошне загрижувачка, „кризна” состојба која ја наследила во УЈП со нејзиното доаѓање на позицијата Директор, а која се однесува на најделикатните прашања поврзани со правата од работен однос на вработените во УЈП и начинот на организација на работењето во УЈП.

„Во претходниот период, претходната директорка на УЈП донела одлука и акти кои се незаконски и заради кои сега внатре имаме „хаос” во организирањето на некои работни процеси и сме соочени со исправање на последици. Незаконитоста и формално-правните неправилности ги констатираа и Државната комисија за спречување на корупцијата и Државниот инспекторат за труд. Имено, ДИТ на записник констатира незаконитости на колективната одлука за прекинување на старите договори за вработување со кои претходната директорка ги откажала договорите за вработување на сите вработени во УЈП, а воедно им наредила да продолжат со работат до склучувањето на нови договори според новите интерни правилници, поради што ДИТ донесе Решение со кое наложи на УЈП да ја поништи незаконитата Одлука. Од друга страна, ДКСК констатира повреда на изборниот процес. Во моментов, јас сум соочена и треба да ја извршам наредбата на трудовиот инспекторат со која ми се наложува поништувањето на Одлуката, што практично значи поништување и на сите нејзини правни последици, односно тоа значи дека ќе се поништат договорите со вработените склучени по распишување на изборите, што има свое влијание и врз платите исплатени на определени вработени кои добиле повисоки плата со промена на нивниот статус“, вели Петрова.

Според неа, најмногу засегнатите – вработените во УЈП сега се изложени на трпење последици од одлуката на претходната директорка на УЈП.

„Но, вработените од УЈП најмалку се виновни за настанатата „криза“. Затоа, преку соработка со синдикатите се обидуваме заеднички да најдеме решение кое ќе има најмалку последици за било кој вработен во УЈП. Би потенцирала уште еднаш – процесите на поништување на старите и склучување на нови договори со сите вработени во УЈП се одвивале во изборниот период. Оваа настаната ситуација можела и да се избегне доколку сите овие секако задоцнети процеси се спроведувале во законскиот рок. Имено, согласно измените на ЗУЈП, актите на УЈП требало да бидат донесени во законски рок до 3 ноември 2023 година, а се донесени со задоцнување на 9 февруари оваа година, во пресрет на изборниот период. Согласноста од Министерството за информатичко општество и администрација за овие правилници била издадена врз основа своевидна „манипулација” и вметнување на работни места во правилниците за кои немало намера да бидат пополнети и не се пополнети. Уште повеќе, согласноста е издадена истиот ден 9 февруари кога министерот, кој ја потпишал, бил разрешен, што е морален и политички хазард. Ова фрла црна „дамка” на целиот процес“, вели Петрова.

Како што вели, владеењето на правото и спроведувањето на законите е врвен императив во постапувањето на државните органи.

„Процесите треба да се одвиваат внимателно, а одлуките да обезбедуваат законити, трајни и одржливи решенија. Целиот процес на усогласување на сите вработени во УЈП по статус и плата ја изгуби својата смисла и добра намера, токму заради лошото управување, ненавремено постапување надвор од законските рокови, а потоа непромислено и избрзано постапување, формални и правни неправилности и незаконитости“, порача Петрова.