ПОЧЕТНА МАКЕДОНИЈА Исмет Гури спроведен во Кривичен, одложено судењето за даночно затајување

Исмет Гури спроведен во Кривичен, одложено судењето за даночно затајување

53

Судењето за даночно затајување во кое е обвинет и функционерот на ДУИ, Исмет Гури се одложи за 4 октомври, откако на денешното рочиште не се појави еден од обвинетите. Поранешниот заменик-директор на Управата за јавни приходи (УЈП) Исмет Гури, кој беше баран со меѓународна потерница по наредба на Основен кривичен суд Скопје на 29 август самиот се пријави во полиција и денеска првпат седна на обвинителната клупа.

Гури беше уапсен во јули минатата година заедно со 15 лица, меѓу кои бизнисмени и инспектори од УЈП, под сомнение за злосторничко здружување и даночна измама. Против него беше распишана меѓународна потерница во јануари годинава откако не бил пронајден на адресата каде ја издржувал мерката куќен притвор.

Според Обвинителството, Гури бил вплеткан во шема со даночна измама и правел поврат на ДДВ преку фиктивни сметки од 840.000 евра, а со парите купил и деловен простор.

Останати обвинети во случајот се Игор Блажев, Филип Блажев, Зоран Трајановски, Пала Тасева, Дона Дамјановска Марковиќ, Илија Васков, Дани Несторовски, Јагода Митева, Бесник Адеми, Фитим Сулејмани, Фарух Гури и правните лица ПЗУ Ринолист и ДПТУ Екслузив Камен.

МВР објави потерница по Исмет Гури, екс заменик директор на УЈП и функционер на ДУИ

Денешното рочиште се одложи поради отсуство на обвинетиот Дани Несторовски, а судијката Софче Гаврилова Ефремова се закани со построги мерки за обезбедување доколку обвинетите од слобода повторно не дојдат на судење.

Обвинителка во процесот е Ивана Трајчева која денеска побара спојување на постапката против обвинетиот Димитар Кратовски, за кого пред Судот се води уште една постапка.