Царинската управа ќе добие втор заменик директор. Така, Царинската управа, наместо директор и заменик директор, ќе добие уште еден менаџер, доколку се изгласаат измените на Предлог законот за изменување на законот за Царинска управа, кој е предложен од група пратеници од власта, од кои неколкумина од владиниот коалициски партнер ЗНАМ.
Од СДСМ реагираа дека наместо ветенот намалување на заменичките места, на двојните директори, власта во Царина сака да воведе уште еден, втор заменик директор, како и дека тоа место било „таксано“ за кадар на ЗНАМ.
„Малку им се министри, заменици, директори, раководители, па си измислуваат позиции заменик на заменик директор. Досега вакво нешто е невидено ниту чуено, Царина да има директор, заменик директор и уште еден, втор заменик директор“, реагираа од СДСМ, прашувајќи: „Кого ќе заменува вториот заменик во Царина? Директорот, заменикот директор или самиот себе?“.
Од опозициската партија велат дека наспроти бомбастичните најави за рационалност и намалување на позициите, власта штанца директорски позиции само заради задоволување на партиските апетити. Тиа бараат законот да биде повлечен од собраниска процедура.
Инаку, според доставениот Предлог закон се предвидува уште еден заменик-директор, со кој „се доуредува раководната структура на Царинската управа и се овозможува поефективно вршење на работите од надлежност на институцијата“.
„Предлог-законот за изменување на Законот за Царинската управа се заснова на истите начела на кои се заснова основниот текст на Законот за Царинската управа, со цел да се доуреди раководната структура на Царинската управа и да се овозможи поефикасно и поефективно вршење на работите од надлежност на институцијата“, се вели во овој предлог доставен до Собранието по скратена постапка.
Зад ваквото законско решение стојат пратениците Бобан Карапејовски, Павле Арсоски, Бојан Стојаноски, Даниела Белимова, Тони Јаревски, Тони Цеков и Жаклина Пешевска.
За спроведување на овој закон не е потребно обезбедување дополнителни финансиски средства од Буџетот, се вели во материјалот.