На премиерот Христијан Мицкоски му бил понуден поткуп за да го потпише тендерот за изградба на пругата кон Бугарија во износ од 560 милиони евра. Ова денеска тој го соопшти на прес-конференција на која ја презентираше Нацрт-реформската агенда за периодот 2024-2027 година, а одговарајќи на новинарско прашање дали во следниот период приоритет на владата ќе биде само Коридорот 10.
Според него, приоритети на владата ќе бидат сите Коридори што минуваат низ Македонија, а и на Коридорот 8 и на Коридорот 10 ќе работат со истата посветеност.
„За Коридорот 8 пред почетокот на седницата на Влада имавме коминукација со официјални лица од Брисел од Европската комисија, но и од банките што даваат грант или заем за овој проект, како Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка. Мислам дека после денешниот состанок дури и на нив им е прилично јасно дека вака како што е концепиран проектот претставува озбилен проблем“, вели Мицкоски.
Посочи дека како претседател на Владата не може да стави потпис на проект и да потроши пола милијарда евра, пари на граѓаните за проект што завршува на половина тунел во слепа улица.
„Бев жртва на обид за поткуп поврзан за тој проект. Кажав дека ваков како што е никогаш нема да го поддржам. Тука не станува збор само за пари на македонските даночни обврзнци туку и на европските. Додека сум јас премиер тоа нема да се случи“, рече тој.
Според него, овој проект не е цел, па затоа очекуваат иста таква посветеност и загриженост каква што од наша страна се манифестира, да има и од бугарска страна, бидејќи смета дека овој Коридор е потребен као стратешки Коридор, а не само како секција по секција.
„Другата половина од тунелот треба да биде завршена, како и тие пет-шест километра со кои ќе треба истиот да се поврзе со веќе постоечката пруга од бугарска страна. Нас ни треба целиот Коридор. А не, ние да потрошиме пола милијарда евра, а тие да не направат ништо. Да ве потсетам на еден таков проект, граничниот премин Клепало, кога од македонска страна се беше заврено, а од бугарска страна ништо. До крајот на годината ќе биде завршен експресниот пат, што ќе ја поврзе земјата со источниот сосед, кој ќе заврши некаде после Крива Паланка“, вели Мицкоски.